Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на комплетно реновираното одделение на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) истакна дека во текот на изминатите 25 години, чекорејќи по патот на ЕУ, Македонија полека го губела образот и достоинството, при што напомена дека оваа Влада повеќе нема намера тоа да го прави.
„Очекувам да ги реафирмираме позициите дека нашата стратешка цел останува полноправно членство во рамки на ЕУ. Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот, чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и доистинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа Влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот“, порача Мицкоски.
Тој одговори и на прашањето за најавите на фон дер Лаен за отворање на центри за вештачка интелигенција во Македонија и Србија, при што појасни дека тоа е проект, кој го туркала Владата, односно Министерството за дигитална трансформација.
„Тоа е проект што го туркаше Владата, односно Министерството за дигитална трансформација. Тоа е нешто супер за граѓаните во Македононија, бидејќи прв пат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ, и тоа е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен“, рече Мицкоски и додаде дека станува збор за заедничко кофинансирање вредно околу пет милиони евра.
Појасни дека тоа значи дека практично македонските студенти и експерти ќе можат да ги користат и црпат ресурсите, кои ги има самата ЕУ.
„И добро е што претседателката фон дер Лаен тоа го најави. Станува збор за два проекта, од кој што едниот проект го добива Македонија, а вториот е проект што го добива Србија. Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните држави отсега ќе имаме наш сопствен центар, кој ќе се занимава со вештачка интелигенција“, додаде Мицкоски.
Претседателката на Европската комисија (ЕК) фон дер Лаен вчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе допатува во Скопје.
Како што информира ЕК, за време на престојот во Скопје фон дер Лаен в среда попладне ќе се сретна со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Европската комисија соопшти дека оваа турнеја ќе биде можност фон дер Лаен да ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот во Унијата и за нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да разговара за спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан. Оваа петта по ред годишна турнеја на фон дер Лаен на Западен Балкан по оние од претходните четири години, како што наведува ЕК, ја потврдува важноста што регионот ја има за Европската Унија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, вчера попладне во обраќањето на Инвестицискиот форум ЕУ-Западен Балкан, што, вчера и денеска, се одржува во Тирана, најави дека Европската Унија ќе отвори две „фабрики за вештачка интелигенција“ (центри за развој на вештачка интелигенција) во Западен Балкан.
„Ќе отвориме фабрики (центри) за вештачка интелигенција и за Западен Балкан. Ќе започнеме со две „антени“, една во Северна Македонија и друга во Србија“, како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа. Ова ќе им овозможи на компаниите во сите шест земји од Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики. Ова значи дека вашите компании ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција токму тука во регионот“, изјави таа, а пренесе АТА.






