Како што информираат од собраниската прес-служба, сесијата ја отворила претседателката на ПССЕ, Петра Баир, која ја истакнала потребата од силно и принципиелно дејствување за заштита на демократските вредности и човековите права во Европа.
Во рамките на агендата се разгледуваат прашања поврзани со демократијата, владеењето на правото, човековите права и актуелните предизвици со кои се соочуваат европските општества, каде што спаѓаат иницијативите за укинување на смртната казна во сите околности.
Иванка Василевска активно учествувала во дебатата за насилството и говорот на омраза против политичарите. Во својот настап таа нагласила дека таквите појави не смее да се релативизираат или толерираат во ниедна форма, имајќи предвид дека директно влијаат на квалитетот на демократскиот дијалог и функционирањето на институциите. Василевска исто така истакнала дека зголемениот број закани, онлајн-вознемирување и дехуманизирачка реторика создаваат притисок и самоцензура меѓу избраните претставници. Посочила дека ова може да доведе до ограничување на јавната дебата и пад на довербата на граѓаните во институциите. Таа истакнала дека е неопходен координиран и принципиелен одговор на европско ниво. Ова, како што потенцирала, се постигнува преку зајакнување на законската рамка, институционалната заштита и промовирање култура на почит и одговорност во јавниот простор.
Во оваа насока била изразена поддршка за иницијативите на Советот на Европа за механизми за следење и анализа на насилството врз политичарите. Ова е потребно за поефикасно распознавање и спречување на овие случаи.
По дебатата, Василевска поставила прашање до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе: Дали Советот на Европа ќе одговори и преку кои конкретни механизми ќе постапи во случајот на адвокатот Менкиноски, кому му е изречена десетгодишна забрана за влез во Република Бугарија, додека активно учествува во постапки пред Европскиот суд за човекови права?
Прашањето се однесуваше на конкретен случај со импликации на слободата на движење и пристапот до правда во контекст на европските стандарди за човековите права. Во одговорот била нагласена потребата од дополнително разгледување на случајот. Изразена била подготвеност за понатамошна билатерална комуникација за обезбедување точен институционален одговор.
При дискусијата за спроведување на авторските права во средина на вештачка интелигенција, пратеничката Василевска истакнала дека е неопходно внимателно балансирање помеѓу заштитата на авторските права, технолошкиот развој и фундаменталните слободи, особено слободата на изразување и пристапот до информации.
Таа нагласила дека Република Македонија бележи напредок во усогласувањето со европските стандарди во областа на интелектуалната сопственост, при што постои цврста законска рамка и тековни реформи насочени кон нејзино унапредување. Воедно, било истакнато дека ефективното спроведување на законите мора да оди рака под рака со заштитата на демократските принципи, со цел авторското право да служи како поттик за креативноста, а не како ограничување на критичката мисла.
Пратеникот Беким Ќоку учествувал во дебатата за набљудувањето на предвремените парламентарни избори во Косово. Оценил дека изборниот процес бил мирен и инклузивен, во согласност со наодите на меѓународните набљудувачи. Тој ги нагласил важноста на зајакнувањето на институционалните механизми за заштита на правата на немнозинските заедници, како и улогата на европската интеграција во унапредувањето на демократските стандарди.
Во својот настап Ќоку се осврнал на потребата од доследно и непристрасно третирање на прашањата поврзани со правата на малцинствата во регионот. Тој ја спомнал практиката во Србија на т.н. пасивизација на адреси како системски предизвик со сериозни последици за основните права на засегнатите граѓани.
Во дебатата за насилството и говорот на омраза против политичарите се обратила и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа нагласила дека зголеменото онлајн-вознемирување, заканите и дискредитирачката реторика се сериозна закана за демократските процеси. Укажала дека овие појави особено негативно влијаат на учеството на жените и младите во политиката. Повикала на системски мерки за нивно спречување.
Во текот на дискусијата за укинување на смртната казна Костадиновска-Стојчевска истакнала дека прашањето не е дали некој заслужува смртна казна, туку дали општеството има право да одземе човечки живот. Таа нагласила дека смртната казна е неповратна санкција што носи ризик од неправда, имајќи предвид дека ниеден правосуден систем не е целосно непогрешлив. Дополнително, посочила дека ваквата казна често се применува нееднакво и не обезбедува докажан ефект на одвраќање од криминал.
Таа потенцирала дека одмаздата не може да биде основа за правда нагласувајќи дека одземањето живот не може да ја врати загубената личност, ниту да донесе вистинско олеснување или „затворање на кругот“ за семејствата на жртвите.
Во дебатата за тековни прашања, која се однесувала на повикот за засилување на напорите за воспоставување специјален трибунал за кривичното дело „агресија против Украина“, Бисера Костадиновска-Стојчевска истакнала дека војната во Украина претставува сериозно нарушување на меѓународниот поредок и на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите.
Таа нагласила дека постојните меѓународни механизми имаат ограничувања во однос на надлежноста, поради што формирањето специјален трибунал претставува важен чекор за затворање на правната празнина. Според неа, воспоставувањето ваков трибунал би придонело кон зајакнување на меѓународниот правен поредок и би испратило јасна порака дека одлуките за агресија нема да останат без последици, без оглед на позицијата или моќта на сторителите.
Делегацијата исто така поставила прашање до комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, за случајот на адвокатот Тони Менинкоски, кому му е изречена десетгодишна забрана за влез во Бугарија, додека активно учествува во постапки пред Европскиот суд за човекови права.
Во прашањето се нагласило дека ваквата мерка отвора сериозни сомнежи за можни повреди на правото на правично судење и непречен пристап до правна застапеност, како и забраната за злоупотреба на ограничувањата на правата за цели што не се предвидени со Конвенцијата. Дополнително, било посочено дека таквото постапување е во спротивност со стандардите од Конвенцијата за заштита на адвокатската професија, која гарантира дека адвокатите мора да може слободно, независно и без притисок да си ја вршат својата професија, особено кога работат пред меѓународни механизми за заштита на човековите права.
Истакнато било дека Бугарија има повеќе пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои чекаат на извршување повеќе од две децении, при што и Советот за човекови права на Обединетите нации неодамна упати повик за нивно спроведување, особено во делот на слободата на здружување.
Делегацијата побарала јасен одговор дали и преку кои конкретни механизми Советот на Европа ќе постапи во овој случај, вклучително и можноста за отворање на прашањето пред надлежните органи во Бугарија, со цел заштита на правата на адвокатот како бранител на човековите права.
Нагласено било дека ваквите мерки може да имаат обесхрабрувачки ефект врз адвокатите што постапуваат пред меѓународни судови и да ја поткопаат довербата во системот за заштита на човековите права. Во таа насока, бил упатен повик до комесарот во рамките на својот мандат да преземе итни, јасни и одлучни чекори за заштита на владеењето на правото и независноста на адвокатската професија. Како што се наведува во собраниското соопштение, делегацијата очекува принципиелен одговор, но првин конкретно постапување.
Делегацијата на Собранието, како што се наведува во соопштението, активно учествува во работата на сесијата. Таа придонесува во дискусиите и ги потврдува заложбите на Република Македонија за унапредување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права во согласност со европските вредности.






