петок, 6 февруари 2026

Македонија – главната причина за Бугарија да стане сојузник на Хитлер во Втората светска војна

Како некој „критичен“ датум во антагонизирање со провокации на современите македонско – бугарски односи е токму овој период на годината, околу 13 -14 јануари, кога бугарски „самосвесните“ граѓани на Македонија, а често и поддржани од политичари и политички „активисти“ од Бугарија, го одбележуваат во Скопје денот на смртта на Мара Бунева, која во 1928 извршила атентат врз Велимир Прелиќ, политичар од времето на Кралството Југославија, во чии државни рамки тогаш била и денешната независна Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Денешните провокации се главно во контекст на притисок за спроведување на уставните измени во Македонија, односно внесување на Бугарите како малцинство во Уставот, што воедно е услов за ефективен почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, т.е. отворање на поглавјата. Но и покрај сите дипломатско – европски маневри и обланди на т.н. француски предлoг, или предлог-преговарачка рамка за Македонија од 2022 година, суштината и целта на тие провокации е главно непроменета од таа 1928 година – да се „потврди“ дека Македонците (биле) се Бугари и непрекинати обиди да се „укине“ македонското постоење низ историјата.

Но, за разлика од „бугарската перспектива“ на историјата за Македонија и Македонците, во архивите на светски релевантни научни институции постојат документи и научни трудови, кои го докажуваат спротивното – дека Македонија секогаш била опсесивен предмет на желбите на бугарската држава и причина за нејзините погрешни историски одлуки.

Истата стратегија со „бугарското малцинство“ пред 100 години и денес

Научниот труд од 1968 година во Универзитетот Дурхам во Велика Британија, на историчарот Дејвид Шепард, кој опсежно ја обработува темата ( на 245 страни напишани на машина за пишување) на односите меѓу државите (тогаш кралства) Бугарија и Југославија од 1918 до 1941 – потврдува дека главната причина за во најголем дел од времето, затегнатите, па и непријателски односи – било македонското прашање. Македонското прашање, во смисла на територијата на Македонија и националноста на Македонците. Бидејќи и во Кралството Југославија (СХС – Срби-Хрвати – Словенци) не била призната националната посебност на Македонците, во еден период на односите меѓу Југославија и Бугарија од 1918 до 1941 година, под притисок на големите европски држави, дури било издејствувано Македонците од тогашната Вардарска бановина да бидат третирани во некои комуникации со одредени европски држави како „бугарско малцинство“ во Кралството Југославија.

Некако неизбежно симптоматично се наметнуваат споредби со актуелните активности на денешна Бугарија да „киднапира“ бугарско малцинство во Албанија и Косово, преку доделување пасоши за декларираното македонско малцинство во овие соседни земји на Македонија. Секако, и понатаму продолжува стратегијата и напорите македонските државјани, кои добиле бугарски пасош во последниве дваесетина години, откако Бугарија е членка на ЕУ – да бидат претставени како бугарско малцинство, кое треба да влезе во македонскиот устав.

Но во студијата на Шепард од 1969 година, се наведуваат и историски докази дека причината бугарскиот цар Борис Трети да одлучи да се придружи на тројната пакт на хитлерова Германија во Втората светска војна, била токму Македонија.

„Периодот од 1918 до 1941 година бил време кога биле направени најсериозни обиди за зближување на словенските народи, но тоа било и време на најголема горчина и разочарување. Во периодот по мировната спогодба од 1918 година, југословенските лидери го сметале создавањето на кралството за триумф на вековното југословенско движење и се обидувале да го консолидираат ова достигнување со одржување на статус кво. Меѓутоа, Бугарија не ја гледала ситуацијата во иста светлина. Нејзините лидери верувале дека нивната земја има право на одредени земји кои биле дел од југословенското кралство – особено Македонија. Иако умерените лидери во обете земји сфатија дека нивните разлики можат да се решат само преку соработка и пријателство, некои Бугари веруваа дека само преку тероризам и уништување на ‘југословенскиот мозаик’ Бугарија може да ја врати својата заслужена улога во европските работи. Ова моќно малцинско мислење, кое ја обликуваше бугарската политика во меѓувоениот период, беше поддржано од кралот Борис и охрабрено од другите земји – особено Италија и Германија – кои сакаа да спречат формирање на силен словенски блок во Југоисточна Европа“, пишува историчарот Дејвид Шепард во 1968 година.

Хитлер зачуден од демонстрациите во Југославија, на Бугарија ѝ ја ветува Македонија

Всушност, двете балкански кралства, и Југославија, и Бугарија, на прагот на четириесеттите години од 20 век, „кокетирале“ отворено или затскриено со фашистичката оска, односно со Германија и Италија – и двете очекувале одредени концесии за придружувањето. Истовремено, одржувале релации и со Велика Британија и Франција, но подемот и агресивноста на Германија и Италија ги наведувала на дека правилната одлука е да го направат тој избор на сојузници. Бугарскиот цар Борис, сепак се колебал за нивото на учество во сојузот со оската (иако веќе бил потпишан на 1 март 1941), но по државниот удар во Југославија на 27 март 1941 година, токму поради потпишаниот пакт со фашистичка Германија на 25 март, сфатил дека тоа е шансата неговата земја да биде привилегиран сојузник на Балканот, а наградата за сојузништвото што ја  барал била – Македонија.

„Хитлер беше зачуден од вестите од Југославија (демонстрациите на 27 март 1941 и падот на владата по потпишувањето на тројниот пакт, н.з.) и не се двоумеше да дејствува. Истиот ден, на 27 март, тој нареди дека Југославија треба да биде воено уништена, а исто така и како национална единица. Подоцна истиот ден, тој се видел со Драганов (амбасадор на Бугарија во Берлин) и му рекол дека ‘средено е тоа прашањето со Македонија’. Во директивата бр.26, потпишана од фирерот на 3 април, тој изјавува дека ‘Бугарија треба да ја врати Македонија’.

‘Бугарија треба да ја врати Македонија и затоа треба да биде заинтересирана за напад во овој правец, но со посебен притисок од германска страна. Понатаму, Бугарите ќе бидат поддржани од германска оклопна единица која ќе обезбеди заднинска заштита против Турција’, се наведува во изјавата потпишана од Хитлер“, пишува Шепард во својата студија.

Нападот врз Југославија на 6 април, германската војска практично го извршува од базите во Бугарија. Бугарската страна се нуди во Берлин да учествува со војска во окупацијата на Југославија, но додека траат договорите, Италија веќе го освојува Охрид, што предизвикува аларм во Софија дека може да го изгубат најпосакуваниот дел од Македонија. Тоа го предизвикува бугарскиот цар Борис да бара директна средба со Хитлер. Во меѓувреме Бугарија ги раскинува дипломатските односи со Југославија и на бугарските трупи им е дозволено од Берлин да ја окупираат Македонија од линијата Пирот-Врање-Скопје, до границата со Грција.

„Од средбата на царот Борис со Хитлер на 19 април 1941, нема официјален запис, но Фон Папен кој бил присутен, се сеќава дека ‘царот дошол да ги презентира своите барања пред Хитлер’. Царот Борис бил главно заинтересиран за судбината на Македонија и голем дел од дискусијата бил фокусиран на одредени наоѓалишта на хром пронајдени во околината на Охрид. Но се чини дека Бугарија беше заинтересирана за Охрид со цел за национално проширување, додека Италија (или повеќе грофот Чано) имаше на ум повеќе како финансиска инвестиција“, пишува Шепар во својата студија, повикувајќи се на сеќавањата на Фон Папен.

Во јуни 1941 немало ноќ без улични борби во македонските градови против бугарската окупација

„Би било задоволувачки да се заврши оваа студија за југословенско-бугарските односи врз основа на консолидација и надеж; да се покаже дека Втората светска војна и комунистичката диктатура успеале таму каде што Договорот од Неј и монархијата не успеале. Но, за жал, ова не може да се направи“, пишува Шепард во 1968 година.

Тој констатира дека од 1941 година, односите меѓу двете земји продолжуваат да го одразуваат моделот на меѓусебните односи во претходните години.

„Личностите беа различни; мотивите беа различни; но проблемот остана ист. Од 1941 до 1944 година, бугарската администрација го окупирала анексираниот регион Македонија и ги окупирала и оние области на Србија кои биле договорени со германските водачи. Враќањето на Бугарите во Македонија на почетокот изгледало добредојдено, но таквото чувство за окупацијата набрзо било отфрлено. Михаел Падев, поранешен дописник на ‘Тајмс’ во Софија, ја посетил Македонија илегално во јуни 1941 година.

‘Откако стигнавме во Македонија, она што најмногу нè погоди беше леснотијата и ентузијазмот со која македонското подземје се бореше против бугарските окупаторски власти. Имаше полициски час во Македонија од седум до доцна навечер. Останавме таму цела недела и не помина ниту една ноќ без борби по улиците. Истото беше и во Битола, каде што бугарските националисти тврдеа дека е ‘најбугарски од сите македонски градови’. Ги најдовме луѓето таму како антибугари, бидејќи ги има насекаде низ Македонија. Тие организираа неколку групи кои бегаа во планините за ‘обука’. Тие беа екстремно организирани и во контакт со сите герилци во Југославија, Бугарија и Грција. Во јули 1941 година, додека бевме во Скопје, Бугарскиот воен суд осуди на смрт во 26 војници од бугарската окупаторска армија кои им го дале своето оружје и муниција на герилците’.

Бројот на бугарски војници вработени во поранешната област на Југославија растеше како што се зголемуваше обемот на војната и германските трупи беа префрлени од други страни. Повеќе од 100.000 војници беа ангажирани за време на големите кампањи против југословенските партизани, 20 бугарски дивизии беа искористени во обид за уништување на отпорот“, пишува Дејвид Шепард во својата историска студија за бугарската окупација на Македонија во 1941 година, повикувајќи се на директни сведоштва од тој период.

Јасминка Павловска

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ