Јанчев потсети дека минатото лето граѓани од целата држава 72 дена ја блокирале планината Кожуф во обид да ја заштитат реката Дошница од изградба на мали хидроцентрали.
„Блокадата беше успешна и проектот беше стопиран“, изјави Јанчев.
Според него, и покрај бројните реакции и предупредувања за штетноста и неефикасноста на ваквите проекти, повторно се подготвува терен за реализација на спорниот проект.
„Наместо оние што го туркаат овој проект да се повлечат, дознаваме дека се прават планови за качување тешка механизација на Кожуф со цел да почне изградбата на малите хидроцентрали“, рече тој.
Јанчев истакна дека вчерашниот собир во Гевгелија бил јасна порака дека граѓаните внимателно ја следат состојбата и се подготвени повторно да излезат на терен во одбрана на природата.
„Народот знае што се подготвува и е спремен повторно да си ги брани реката и планината“, порача Јанчев.






