„Поголема нестабилна маса проследена со силен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град во поширокиот велешки регион и Скопје зафатено со нестабилност, грмежи поројни врнежи и појава на суградица, а нестабилноста се движи од североисток кон југозапад“, се вели во објавата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) на Фејбсук.
Покрај Скопје, и Велешко, Светиниколско, Штипско и Делчевско се зафатени од нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.
Силното невреме проследено со пороен дожд, ветер и град што попладнево го зафати Скопје предизвика паднати дрвја, поплави и сообраќајни пречки на неколку локации во главниот град.
Како што информира Центарот за упрваување со кризи (ЦУК), преку бројот за итни повици 112 примиле пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска пивара.
„Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности. Апелираме до граѓаните навремено да пријавуваат вакви и слични ситуации на бројот за итни случаи 112“, објави ЦУК на Фејсбук.
Пријавено е паднато дрво и на улица „Рузвелтова“, во близина на Сетек во Општина Карпош. Дрвото, како што се наведува, има блокирано три сообраќајни ленти и во моментов проодна е само една лента. Надлежната служба е веќе известена и се очекува наскоро да пристапи кон отстранување на дрвото.
Во ЦУК добиле пријава дека на булевар „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост има приближно 50 сантиметри вода и поради тоа целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.
Пријавено е дека на улица „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Надлежните служби, како што се наведува, се известени и ќе преземат соодветни мерки во рамки на својата надлежност.
По денешното невреме кое ја зафати територијата на државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека веднаш ги активираше своите механизми за следење и координација.
„Директорот на ЦУК, Мухамет Али во текот на целиот ден ја следеше ситуацијата и беше во континуирана комуникација со сите надлежни институции со цел навремено и ефикасно справување со последиците од невремето“, соопшти ЦУК.
Според ЦУК, досега на повеќе локации се евидентирани материјални штети – поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот. Не се пријавени повредени лица.
Известени се и надлежните служби за водовод и канализација, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.
ЦУК ги повикува сите граѓани да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби, како и навремено да пријавуваат опасни или животозагрозувачки состојби на бројот за итни случаи 112.
Утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.