Кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје се министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница одржана на 28 мај утврди 25 кандидати за градоначалници кои ќе ја претставуваат партијата на претстојните локални избори закажани за октомври, а во средината јуни беа соопштени уште осуммина.
За нов мандат, од досега најавените, се предложени актуелните градоначалници на Битола – Тони Коњановски, Кавадарци – Митко Јанчев, Охрид – Кирил Пецаков, Велес – Марко Колев, Штип – Иван Јорданов и на Гевгелија – Андон Сарамандов. Во скопските општини со повторна кандидатура ќе настапат Дејан Митески во Аеродром, Дарко Костовски во Бутел и Александар Стојкоски во Ѓорче Петров.
Во првите 25 кандидати соопштени на крајот на мај се: Зоран Бајовски во Чучер-Сандево, Дејан Владев во Свети Николе, Виктор Паунов во Карбинци, Киро Нацков во Градско, Коста Маневски во Зелениково, Александар Ѓоргиевски во Илинден, Златко Ристов во Конче, Иван Гоцевски во Делчево, Ѓорге Божинов во Ново Село, Славе Андонов во Василево, Ристо Манчев во Босилово, Петар Ружински во Берово, Борче Митевски во Петровец, Спасе Кочовски во Вевчани, Јовица Илиевски во Брвеница и Димитар Костадиновски во Јегуновце.
На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 13 јуни одржана во Штип, партијата определи уште осум кандидати за градоначалници во осум општини за локалните избори: Македонски Брод – Жарко Ристески, Могила – Драганчо Саботковски, Пробиштип – Тони Тоневски, Богданци – Марјан Пеев, Демир Капија – Наталија Димитриева, Росоман – Ѓорѓи Крстевски, Новаци – Стевче Стевановски и Дебарца – Златко Силјановски.
За одредени општини изборот на кандидати ќе зависи и од договорот со партијата ЗНАМ.