петок, 15 мај 2026

Кампања на A1 Македонија за поодговорно користење на технологијата во сообраќајот

A1 Македонија заедно со Министерството за внатрешни работи денеска и официјално ја претставија националната општествено одговорна кампања „Одговорно со технологијата“, насочена кон подигнување на јавната свест за ризиците од неодговорно користење мобилен телефон и дигитална дистракција во сообраќајот.

Објавено на

часот

Сподели

Кампањата отвора важна и актуелна тема – одговорноста на сите учесници во сообраќајот при користење на технологијата, без разлика дали станува збор за возачи, пешаци, велосипедисти или за корисници на електрични тротинети. Во време кога мобилниот телефон е постојан дел од секојдневието, „Одговорно со технологијата“ испраќа јасна порака дека ниту еден телефонски повик или нотификација не вреди повеќе од човечкиот живот.

Во центарот на кампањата беше телефон што ѕвони без одговор, симбол на повик што никогаш нема да биде возвратен. Со пораката „Јави се и слушни“, иницијативата во изминатите денови предизвика силни реакции кај јавноста, отворајќи простор за разговор за последиците од невниманието и за потребата од поголема лична и колективна одговорност во сообраќајот.

За само неколку денови, телефонскиот број од кампањата беше завртен илјадници пати, додека пораката предизвика импресивно многу реакции, споделувања и коментари на социјалните мрежи и во медиумите. Интересот што го предизвика иницијативата потврди дека темата силно ја допира јавноста и ја отвора потребата од постојана едукација и подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот.

„Технологијата треба да нè поврзува, а не да нè оттурнува од она што е најважно, а тоа е човечкиот живот и безбедноста. Како компанија што секојдневно ги поврзува луѓето, чувствуваме одговорност да иницираме важни општествени теми и преку комуникацијата да поттикнеме реална промена во однесувањето. Реакциите што ги добивме, покажаа дека пораката допре до многу луѓе и искрено веруваме дека оваа кампања ќе остане како силен потсетник дека вниманието во сообраќајот спасува животи“, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија.

„Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и токму затоа ваквите иницијативи имаат особено значење. Една секунда невнимание може да има трајни последици, па затоа е важно континуирано да потсетуваме дека секој од нас носи одговорност кога учествува во сообраќајот. Кампањи како оваа на A1 Македонија придонесуваат пораката да стигне до што поголем број граѓани, да поттикнат поголема свесност и промена на навиките, но и да покажат дека стратешките партнерства помеѓу институциите и реалниот сектор можат да создадат силен општествен импакт и масовна мобилизација околу теми од јавен интерес“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

„Во рамките на кампањата беше активирана телефонска линија со пораката “Јави се и слушни”, преку која граѓаните имаа можност директно да ја почувствуваат емоцијата и тежината на пораката што стои зад иницијативата и тежината на моментот кога еден повик останува неодговорен засекогаш. Добиените реакции покажаа дека пораката допре до луѓето и отвори разговор за одговорното користење на технологијата и за безбедноста во сообраќајот. Свесни сме дека понекогаш токму неконвенционалниот пристап е потребен за навистина да се слушне важната порака и тоа го направивме”, изјави Бранкица Толевска, од одделот за бизнис-трансформација, корпоративна стратегија и комуникации во А1 Македонија.

„Одговорно со технологијата, за побезбеден сообраќај.“ е централната порака на кампањата, која A1 Македонија и Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да ја комуницираат и во наредниот период преку повеќе активности и канали, со цел поттикнување поголема свест, одговорност и безбедност кај сите учесници во сообраќајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ