недела, 14 декември 2025

Градежните инспектори не биле надлежни за противпожарна, техничка и функционална безбедност во Пулс

Градежните инспектори од Кочани немаат каква било вина во врска со пожарот во кочанската дискотека Пулс, се вели во соопштението на Здружението на градежни инспекторати на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Најостро ги демантираме информациите објавени по медиумите дека и кочанските градежни инспектори имаат вина за настанатиот пожар во дискотеката Пулс, реагира Здружението на градежни инспектори на Македонија.

„Според важечкиот Закон за градење и останатата законска регулатива градежните инспектори не се надлежни за противпожарна, техничка и функционална безбедност на угостителски објекти. Во јавноста се пласираат информации дека во дискотеката Пулс имало запечатени прозорци, неисправни вентилатори, недостиг на одвод на чад и топлина, нефункционални хидранти, системи за евакуација… Овие прашања не се во надлежност на градежниот инспектор, туку на други институции и тоа: Државниот пазарен инспекторат контрола на дејност, услови за вршење угостителска активност, безбедност на гости и работници; Инспекторат за труд – безбедност при работа; МВР – Пожарна противпожарни системи и заштита; УЈП – регистрирање дејност и финансиска контрола; Општината и градоначалник – пријава на работно време и евиденција на угостители.

Градежниот инспектор нема законско овластување да проверува каква дејност се врши во објект, ниту дали локалот има дозвола, хигиенско-технички услови, системи за безбедност или противпожарна опрема.

Градежниот инспектор е надлежен само за пренамена „станбен во деловен и обратно“ не за пренамена на дејност во рамки на деловен објект
Во Законот за градење јасно се дефенира: градежниот инспекторат контролира само пренамена на намена, градежен инспектор контролира пренамена на просторот од станбен во деловен и обратно.

Во случај како дискотека Пулс, каде просторот е пренаменет од деловен во деловен, општински градежен инспектор нема надлежност да постапува. Преуредувања кои се однесуваат на внатрешен изглед, ентериер, внатрешни елементи или организација на просторот не се предмет на градежен надзор.

Ова е клучен факт кој во медиумските објави е целосно игнориран. Без претставка, иницијатива или писмен налог, градежниот инспектор смее да изврши вонреден надзор само ако има индиции или по „допрен глас” дека во објектот се вршат градежни дејства, што во случајов немало. Градежен инспектор мее да изврши редовен инспекциски надзор во објект само врз основ на издаден налог од неговиот раководител, а врз основ на изготвен план и програма за работа, што во случајов немало.

Фактички е невозможно градежниот инспектор да врши редовен инспекциски надзор во повеќе од 20.000 објекти што се изградени на територијата на Општината Кочани.

Во периодот од 2012 до 2025 година до градежниот инспектор во Општината Кочани не е доставена ниту една писмена претставка, пријава или налог, ниту па до него „допрел глас” дека се вршат градежни работи во дискотеката Пулс.

Активностите од 2024 година биле исклучиво во внатрешноста на објектот
Сите интервенции биле направени во ентериерот, не засегале носиви елементи, не претставувале реконструкција, не барале одобрение за градење, не влегувале во надлежност на градежен инспектор.Секое спротивно тврдење е неточно и правно неосновано.

Неоправдано во јавноста се поврзуваат урбанистички планови, маркици, дозволени намени, дејности, усогласување со ДУП… сето ова не е во надлежност на кој било  градежен инспектор. Тоа е исклучива надлежност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, каде функционира единствениот државен урбанистички инспектор согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Градежниот инспектор нема никаква улога во тоа дали објектот смее да работи како дискотека или со било каква друга дејност.

Очигледен факт е дека досега нема пад на конструкција, дефект на носива структура, нарушена стабилност, каков било конструктивен проблем. Трагедијата е последица на пожар предизвикан од внесување и употреба на пиротехнички средства, а не од градежни активности или лошо изведени градежни работи.

Секаква поврзаност меѓу градежните инспектори и причината е тотално правно и технички неоснована“, се вели во сооопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ