понеделник, 4 мај 2026

Горивата поскапуваат од два до 2,5 денари по литар

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 2,5 денари, а цената на дизелот се зголемува за два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47 отсто.

Објавено на

часот

Сподели

Новата максимална малопродажна цена на еуросупер БС – 95 е 85 денари за литар, еуросупер БС – 98 ќе се продава за 87, еуродизел БС (Д-Е V) за 93,5, а екстралесното масло за горење (ЕЛ-1) за 98,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 3,064 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 49,720 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени кај сите нафтени деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа кај бензините во просек за 5,324 отсто, кај дизелот за 2,817, кај екстралесното масло за 3,394 и кај мазутот за 8,305 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3444 отсто.

Потсетуваат дека во оваа пресметка се земени предвид намалениот износ на акцизата за 4 денари за литар кај еуродизел (Д-Е V) и намалениот износ на акцизите за 2 денари за литар кај бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и намалениот износ на ДДВ за нафтените деривати еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 во износ од 10 отсто, со исклучок кај дизелските фракции и мазутот.

На најголем дел од бензиниските пумпи во земјава дизелот се продава за три, а бензините за два денари пониско од максималната малопродажна цена што ја определува РКЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ