Дитурије Елези Незири, судија на Управен суд предложена од Здружението на судии; Флора Илковска, адвокатот од Скопје предложена од Адвокатската комора; Јелена Кадриќ, претставник на Здружението односно Фондацијата назначена од Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа на правосудството, владеење на право и човекови права и пратениците во Собранието; Александар Велјановски и Сања Лукаревска се членови на работната група кои беа избрани денеска.
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, рече дека работната група е составена од пет члена предложени од законски предвидените предлагачи.
„Комисијата за прашање на изборите и именувањата достави дописи до релевантните институции за определување на свои претставници кои не се од редот на пратениците, а исто така беа побарани предлози од координаторите на пратенички групи од парламентарното мнозинство и од опозицијата да определат свој претставник во работната група“, рече Сајкоски.
Пратеничката од ДУИ, член на комисијата, Рина Ајдари имаше забелешки во однос на огласот, кажа дека огласите се повторуваат и Комисијата има направено отстапки, набројувајќи дека претходно имало повлекување на документација од седницата, огласот бил прекинат спротивно на законот, имало непочитување на законот, едниот оглас не бил затворен.
На седницата се разви расправа меѓу пратениците, при што членката Рина Ајдари изнесе забелешки за текот на постапката и наведе дека имало неправилности и преклопување на огласите. Таа обвини за политички влијанија врз процесот и отстапки од законските процедури.
Таа кажа дека предлозите на Вреди за претходните огласи биле несоодветни за позицијата, укажувајќи дека таа партија нема соодветни кадри, а сака да „интервенира“ во судскиот систем.
Сајкоски рече дека самата комисија е оценета со највисоко оценка од ЕУ, транспаретно ги извршува измените, согласно роковите.
„Во однос на одговорноста ние постапуваме по закон. Огласот за Судски совет го објавува претседателот на Собранието и ќе мора да цитирам дел од законот, член 2, ‘Комисијата за прашања на избори и именувања на Собранието во рок од десет дена од објавување на огласот формира работна група’, што еве денес е формирана таа работна група. А што се однесува на она што споменавте – дали имаме два активни огласи, сакам да ве известам дека во член 13, алинеја 14 доколку Собранието не избере членови на Советот, постапката за избор се повторува од објавување на нов оглас во рок од десет дена од денот на одржување на седница на Собранието на коешто не е извршен избор на член на Советот“, рече Сајкоски.
Тој кажа дека за време на претходната власт, Европската комисија во тој период дала „најнегативни оценки“ за судството воопшто што некогаш ги добила државата, за што сведочат само „два проценти доверба во судството“.
„Ние се трудиме, се бориме и се надевам дека ќе ја вратиме довербата во судството“, рече Сајкоски.
Ајдари кажа дека зборува за иднината и повтори дека истовремено имало два огласи, точката била на пленарна седница и дека повторувањето на огласот е јасно наведено во законот, процесот требало да оди до крај и после да се отвори трет оглас. Пратеникот Беким Ќоку, кој рече дека во минатото имало „стотици“ случаи на партиски кадри токму од ДУИ.
„Што се однесува до обвинувањата дека навлегуваме во судството, тоа е само шпекулација. Во изминатите 20 години од ДУИ толку имаат навлезено во судството, а тоа го потврдуваат извештаите од ЕК и од САД. Луѓе на ДУИ се обвинети за корупција, имаме обвинувања дека ДУИ се мешаше во судството, амбасадори со ‘прст’ укажуваа дека не смее да се навлегува во судството, а луѓе од ДУИ се на црни листи. И после таква е довербата“, рече меѓу другото Ќоку.
Ајдари ги повика на дебата и граѓаните да ги слушнат аргументите и противаргументите, и рече дека ДУИ не амнестирал никого и никогаш, и дека „корумпираните“ од ДУИ сега се во Вреди.
На денешната 51-ва седница беше донесена и одлука за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, за членот Игор Јадровски.






