среда, 29 април 2026

Филков: Блокирањето на реформите во изборното законодавство од СДСМ, доказ за политичка незрелост

Министерството за правда соопшти дека поради отсуството на пратениците на СДСМ е одложена четвртата седница на работната група за реформи во изборното законодавство, процес од кој директно зависи кредибилитетот на изборите и довербата на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за правда, Игор Филков информирал дека политичките партии доставиле дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На маса биле и предлозите на институциите кои се вклучени во изборниот процес, а со кои во изминатиов период Министерството за правда имала конструктивни средби – Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за администрација и независните граѓански иницијативи.

„Но, она што денес изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост. Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност. Денеска имавме можност да го видиме вистинското лице на, за жал, изгубената политичка партија којашто со низа погрешни потези водени од тесногради партиски интереси свесно ја блокира реформската агенда и го кочи европскиот напредок на државата. СДСМ избраа да не бидат дел од процесот во момент кога се носат суштински одлуки. Ова е доказ, дека нивните заложби за европска иднина се само декларативни, а реалноста е нешто сосема спротивно“, потенцираше министерот за правда.

Филков, се наведува во соопштението, посочил дека ова не е прв пат, СДСМ вака да се однесува.

„Во Собранието го блокираа и клучниот реформски закон за јавното обвинителство, иако дел од нивните амандмани беа прифатени. Со ваквите нивни, би рекол крајно срамни и неодговорни политики, реформите се држат во заложништво на теснопартиските интереси, а европската иднина на нашите граѓани во неизвесност. Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната  група за реформи во изборното законодавство директно се загрозени 4.281.623 евра. А, со блокадата на Законот за јавното обвинителство во Собранието, дополнително, 6.422.623 евра, пари коишто и тоа како, може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството за секој наш граѓанин“, потенцирал Филков.

Тој порачал дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во државата сè до крајната цел – обезбедување стабилност, просперитет и владеење на правото.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ