На јавната расправа воведни обраќања имаа Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација кој порача дека децата во училиштата треба да учат, да се развиваат и да се чувствуваат безбедно во дигиталниот и физичкиот простор. Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски истакна дека менталното здравје на младите не смее да биде маргинализирано, ниту третирано како споредна тема, додека пак Мариа Канелопулу од Делегацијата на ЕУ во земјава информира дека ЕУ во законодавството прави нов закон за дигитални услуги кој овозможува поголема безбедност, но и истражува кој ги нарушува законите.
Според Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, потребно е постојано да се работи на тоа како младите правилно да ги користат социјалните мрежи.
„Оваа тема ги опфаќа двата главни приоритети на ЕУ, а тоа се дигитализацијата и инклузијата. Кога зборуваме за менталното здравје и влијанието на социјалните мрежи, може да се согласиме дека младите луѓе ни се исклучително важни и треба постојано да работиме на тоа и да ги учиме како правилно да ги користат социјалните мрежи. Колку повеќе социјалните мрежи помагаат за пристап до информации, според статистички податоци, социјалните мрежи имаат и негативно влијание ако неправилно се користат предизвикувајќи депресија, анксиозност….и затоа треба да ги описменуваме младите за правилно користење на социјалните мрежи“, нагласи Михајлов.
Во јавната расправа организирана од Клубот за младински прашања учествуваа градоначалникот на Општина Аеродром, претставници на Центарот за безбеден интернет, претставници на граѓански организации и пратеници, кои посочија на влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје.
„Сметам дека пречесто ја минимизираме улогата на родителите, а ја максимизираме улогата на државата во неколку аспекти. Прво од аспект дека и во овој момент секој родител има право да забрани социјални медиуми на своето дете преку контрола на пристап, во исто време контролата на државата од овој аспект е да внимаваме какви телефони продаваат мобилните оператори. Вториот аспект е дека никој не им забранува на родителите, и тоа можеби ќе беше добра прва иницијатива на сите родителски здруженија, а тоа е да воведат секој родител да купи телефон за своето дете, којшто нема социјални медиуми. Бидејќи такви телефони постојат и се продаваат по еден денар во продажба. На тој начин ќе комуницираат со своите родители и нема да можат да користат социјални мрежи. И, третиот аспект е поврзан со големите платформи кои сепак имаат некакви ограничувања, наспроти кинеските платформи коишто немаат никаква заштита на содржини и колку тие ги почитуваат правилата поставени од ЕУ. Во секој случај денешните дискусии се значајни за сите нас“, заклучи министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Клубот за младински прашања и политики ќе донесе заклучоци и ќе ги испрати до претседателот на Собранието, а комисијата ќе продолжи со активности за институционален одговор и мерки, заклучи Драгана Бојковска, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања и политики, организатор на денешната јавна расправа на тема „Влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“.






