„Министерството за економија во соработка со Министерството за финансии, пратениците и Собранието обезбеди средства за сите да бидат покриени и вкупно над 4.000 ваучери да бидат издадени во текот на наредната недела“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека ваучерите за домашен туризам ќе можат да се користат до крајот на годинава.
Тој смета дека не се доцни со ваучерите за домашен туризам и додаде дека тие се даваат во континуитет.
„Имајќи ги во предвид капацитетите што ги имаат одредени наши региони веќе се издадени над 1.200 ваучери и се користат во моментов. Дополнително, во текот на наредната недела ќе бидат издадени уште околу 3.000 ваучери со што вкупната бројка ќе надмине 4.000 ваучери“, рече Бектеши.
Според него, Министерството за економија како надлежно за секторот туризам на дневна основа ги следи сите случувања и во континуитет го помага овој сектор, како хотелиерството, така и угостителството.
„Со усвојување на ребалансот на Буџетот на денешната пленарна седница на Собранието очекувам од наредната недела да бидат исплатени сите субвенции и целосната поддршка за овој сектор што беше ветена од Министерството за економија и од Владата од одредени економски мерки кои веќе ги имаме промовирано“, додаде Бектеши.






