Во Извештајот се наведува дека поништувањата на тендерите стигнаа до 33%, што е највисоко ниво во последните неколку години, а причината е најмногу поради немање понуди или поради неприфатливи понуди.
Исто така, во пораст е отфрлањето на понудите на фирмите на тендерите поради проблеми со документацијата или со понудените предмети на набавка.
Анализата на ЦГК покажува дека исклучувањата на понудите од евалуацијата добиваат на интензитет наместо да се намалуваат, како резултат на растечкото искуство на учесниците и од двете страни (институциите што ги спроведуваат тендерите и фирмите понудувачи).
Притоа, велат од Центарот, загрижувачки е што бројот на исклучувања во дел од мониторираните тендери е голем и на ниво на одделни тендери. Па така, во тендер за изградба на крило во основно училиште, со проценета вредност од 25 милиони денари без ДДВ, понуди доставиле 8 градежни фирми, а од нив дури 6 биле исклучени. Во набавка на уреди за непрекинато напојување – УПС, со проценета вредност од 700.000 денари без ДДВ, понуди доставиле 4 фирми, но по спроведената евалуација, комисијата како неприфатливи отфрлила дури 3 понуди. Голем број исклучувања е забележан и во набавка на потрошен медицински материјал за лична заштитна опрема составена од 11 дела и со проценета вредност од 4.500.000 денари без ДДВ. Во постапката биле доставени понуди од 14 економски оператори, но дури 8 од нив биле исклучени.
Анализата исто така покажува дека контролирани се само 1% од тендерите во земјава и во секој петти контролиран тендер се пронајдени неправилности.
Што се однесува до поништувањето, во второто полугодие од 2020 година целосно или делумно се поништени дури 4.112 тендери, што е 39% од објавените огласи во истиот период. За споредба, во истиот период претходната година (јули – декември 2019 г.) биле поништени 27% од тендерите што е за 12 процентни поени помалку.
Како резултат на овој негативен тренд особено нагласен во второто полугодие, во 2020 година е достигнат нов негативен рекорд во поништувањето на тендерите и вкупно на ниво на цела година се поништени 6.727 тендери, што е удел од дури 33% од вкупно објавените огласи за јавни набавки.
Притоа, значајно е да се нагласи дека нешто помалку од две третини од донесените одлуки (4.218) се однесувале на целосно поништување на тендерите, а нешто повеќе од една третина (2.509) на поништување на дел од тендерот.
Во однос на конкуренцијата кај локалните тендери, таа останува значително пониска отколку кај тендерите на институциите на национално ниво, но во втората половина од 2020 година продолжи трендот на пораст на конкуренцијата забележан во истиот период претходната година. Притоа, во второто полугодие од 2020 година, солидно ниво на конкуренција од 3 и повеќе понудувачи е регистрирано во 62 % од мониторираните тендери, што претставува раст од 7 процентни поени во однос на второто полугодие од 2019 година
Во жалбената постапка, пак, се намалува уделот на уважени жалби од фирмите, а расте уделот на одбиени жалби.
ЦГК од овогодишната анкета на фирмите дојде до следните заклучоци:
Проблем број еден во јавните набавки за 77% од фирмите е „најниската цена“ како критериум за избор на најповолната понуда.
Дека фирмите се договараат на тендерите сметаат 60% од испитаните фирми, односно 47% од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, 47% од фирмите не се жалат на тендерите поради недоверба во Државната комисија за жалби по јавни набавки, фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани, а доминантни 60% од фирмите велат дека корона-кризата влијаела негативно врз нивното учество на тендерите.






