Премиерот Заев истакна дека оваа капитална инвестиција е од огромна важност за градење поразвиена и постабилна енергетска инфраструктура во земјава и во регионот.
„Со поставување на камен-темелникот на овој капитален објект почнува реализацијата на 400-киловолтниот далновод Битола – Елбасан како дел од Коридорот 8. Со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток – запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија“, нагласи Заев.
Покрај премиерот Заев, на настанот се и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши, заменик-министерот за енергија и индустрија на Албанија Илир Бејта, генералниот директор на Електропреносниот систем оператор на Албанија, Скерди Дренова, како и генералниот директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани.

„Изградбата на далеководот ќе придонесе во поврзувањето и регионалното интегрирање на енергетските пазари, ќе ја подобри сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија што ќе овозможи пристап на сите економски оператори до енергенси и конкурентност на цени“, истакна Бектеши.
Според него, важноста и потребата за регионалната соработка се дел и од приоритетите во Стратегијата за енергетика која дефинира конкретни мерки и проекти од аспект на прекуграничното поврзување.
„Преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија. Реализација на проекти за интерконекција на енергенсите со останатите земји се наш приоритет. Покрај изградбата на далноводите за енергетско поврзување, значајни се и проектите за гасно поврзување со земјите од регионот, што на крај бенефит ќе имаат сите граѓани со пониски и поконкурентни цени на енергеси“, подвлече министерот.
Според министерот Бочварски, со овој проект се обезбедува квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, се надминуваат проблемите и се подобрува мрежата во југозападниот дел од државата.
На церемонијата по повод поставувањето на камен-темелникот, се обратија и претставници на делегација на ЕУ, како и на Европската банка за обнова и развој.






