Во изминатите две години создадовме политики што носат конкретни ефекти, а една од нашите најголеми одговорности беше заштитата на животниот стандард на граѓаните – рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција за отчет на сработеното.
Според Дурмиши, остануваат многубројни предизвици, но реформите што ги почнале се цврста основа за поконкурентна, поиновативна и поотпорна економија.
Работевме, рече министерот, во период кога светската економија сè уште ги чувствува последиците од глобалните кризи, нарушените синџири на снабдување и геополитичките тензии. Денес, покрај економските предизвици, светот се соочува и со две активни воени жаришта, кои директно влијаат врз цените на енергентите, храната и суровините, а со тоа и врз секоја национална економија. Кога беше потребно, носевме таргетирани мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои и ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички со цел да се ублажи притисокот врз семејните буџети и да се спречат неоправдани ценовни шокови.
Дурмиши рече дека долгорочната стабилност не може да се обезбеди само со интервентни мерки и нагласи оти сега фокусот е на стратешка стабилизација на пазарот преку постојана координација со сите надлежни институции, регулаторни тела, производителите, трговците и стопанските комори.
„Целта е навремено да ги препознаваме ризиците, да спречуваме нарушувања на пазарот и да создадеме предвидлива економска средина, во која ќе бидат заштитени и интересите на потрошувачите и условите за нормално функционирање на стопанството. Владата нема пасивно да ги набљудува случувањата на пазарот. Доколку околностите повторно наложат интервенција за заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе ги искористиме сите законски механизми што ни стојат на располагање. Наш приоритет останува стабилен пазар, фер конкуренција и заштита на секое македонско семејство“, рече Дурмиши во отчетот за сработеното во изминатите две години.
Според Дурмиши, во изминатите две години реализирани се политики што имаат директно влијание врз граѓаните, компаниите и економскиот развој на државата. Министерството својата работа ја насочило кон пет стратешки приоритети: намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите, развој на малите и средните претпријатија, спроведување на реформската агенда и дигитализација на услугите.
Министерот Дурмиши рече дека во изминатиот период успешно се реализирани оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година.
„Само за 2025 година за активните мерки за вработување беа обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, а реализирани се над 2 милијарди денари. Со новиот оперативен план обезбедивме 2,41 милијарди денари, со кои ќе бидат опфатени 10.352 граѓани. Предвидовме грантови за самовработување, поддршка за нови компании, субвенционирано вработување, практикантство за 1.150 млади лица, обуки за дефицитарни занимања, поддршка за лица со попреченост и младински додаток за 3.500 млади“, наведе Дурмиши.
Тој соопшти дека се донесени или изменети повеќе од 20 законски решенија од областа на трудот, а потенцира дека е реактивиран Економско-социјалниот совет, вратена е во функција Комисијата за утврдување репрезентативност и намален е прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на пет проценти.
Со тоа, оцени, повторно воспоставивме вистински институционален социјален дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите.
Осврнувајќи се на активностите за подобрување на деловната клима, наведе дека во рамките на реформската агенда оптимизирале 28 парафискални давачки и оти мапирале 100 административни постапки, кои постепено ќе бидат поедноставени и скратени.
Во делот на финансиската поддршка на инвестициите укажа дека во буџетот за 2026 година обезбедени се една милијарда 230 милиони денари. Тоа, смета министерот, претставува значително засилување на државната поддршка за компаниите што инвестираат, отвораат нови работни места и создаваат додадена вредност. Како добар пример ја наведе Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде што во 2025 година компаниите реализирале производство од над 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари.
„Во зоната денес работат 1.845 лица. Воедно, обезбедивме нова инвестиција од компанијата Каво отомотив, вредна 21 милион евра, која ќе отвори речиси 550 нови работни места и дополнително ќе ја зајакне автомобилската индустрија во државата“, рече Дурмиши.
Во рамките на реформите поврзани со европската интеграција наведе дека реализирале повеќе ИПА-проекти, работеле на усогласување со европското законодавство, на развој на малите и средните претпријатија, на човечкиот капитал и на подобрување на конкурентноста на македонската економија.
„Секој мандат се оценува според резултатите. Во изминатите две години создадовме политики што носат конкретни ефекти. Поддржавме отворање нови работни места. Го зајакнавме социјалниот дијалог. Го подобривме деловното окружување. Спроведовме суштински реформи. Ги зголемивме средствата за инвестиции. И создадовме предуслови за понатамошен економски раст. Свесни сме дека остануваат многубројни предизвици. Но исто така сме уверени дека реформите што ги почнавме се цврста основа за економија што ќе биде поконкурентна, поиновативна и поотпорна“, посочи Дурмиши истакнувајќи дека работата на Министерството продолжува со истата цел – повеќе инвестиции, повеќе работни места, посилни компании и подобар животен стандард за секој граѓанин.






