Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) соопшти дека е рангиран на глобалното рангирање „Тајмс хајер едукешн импакт рејтингс“, кое го изработува реномираната британска организација „Тајмс хајер едукешн“. Станува збор за единствено светско рангирање што го мери придонесот на универзитетите кон исполнувањето на 17-те Цели за одржлив развој на Обединетите нации.
Според објавените резултати, УКЛО е рангиран во групата од 1.001 до 1.500 место на глобално ниво. Особено добри резултати Универзитетот остварил во областите поврзани со целите за одржлив развој, достоинственото вработување и економскиот раст, како и мирот, правдата и силните институции.
Од УКЛО посочуваат дека, за разлика од традиционалните светски рангирања, кои главно го вреднуваат академскиот углед и истражувачкиот капацитет, „Тајмс хајер едукешн импакт рејтингс“ го оценува реалното општествено влијание на универзитетите. Во фокусот се нивниот придонес кон одржливоста, инклузивноста, климатските активности, квалитетното образование и партнерствата за развој.
Од Универзитетот нагласуваат дека ова рангирање има особено значење за УКЛО, бидејќи како регионален универзитет длабоко поврзан со локалната заедница, добива меѓународна потврда за своето општествено и регионално влијание преку конкретни и мерливи резултати.
Според УКЛО, најновиот меѓународен успех претставува објективна потврда за улогата што Универзитетот ја има во развојот на југозападниот регион, преку образованието, соработката со локалните заедници, институциите и стопанството, како и преку придонесот кон одржлив и инклузивен развој.






