Националниот парк Шар Планина денес управува со речиси целиот шарпланински масив, од Јажинце до Дуф, подрачје кое претставува дом на исклучителен биодиверзитет, бројни глацијални езера, планински пасишта, шуми и десетици населени места кои со векови живеат во склад со природата.
По повод јубилејот беше организирана планинарска тура од Бозовце до Лешница, при што посетителите имаа можност непосредно да ги доживеат природните убавини на Шар Планина, а преку презентациите на чуварите на заштитеното подрачје и волонтерите водичи да се запознаат со богатството на биодиверзитетот, природните вредности и активностите што институцијата ги спроведува.
„Нашата цел не е само да ја зачуваме природата, туку Националниот парк да биде двигател на локалниот економски развој, нови можности за младите и една од најпрепознатливите природни туристички дестинации во Европа“, истакнал директорот на Јавната установа Национален парк Шар Планина, Евзал Елмази, соопштуваат од установата додавајќи дека дека визијата на институцијата е многу поширока од самата заштита на природата.
Во изминатите пет години институцијата постепено ја изгради својата организациска и стручна структура и денес е речиси целосно оперативна. Поставени се темелите на современ систем за мониторинг на клучните видови и живеалишта, воспоставена е редовна соработка со Националниот парк Маврово и Националниот парк Шари од Косово за заедничко следење на дивите животни, а прекуграничната размена на податоци и искуства овозможува подобра заштита на видовите кои природно мигрираат низ целиот шарпланински масив.

Еден од најзначајните резултати е и регистрацијата на првиот рис од страна на институцијата токму во Лешничката Долина, како потврда дека ова подрачје и понатаму претставува сигурно засолниште за едни од најретките и најзначајните диви животни на Балканот.
Покрај директната заштита на природата, Националниот парк значително ги засили активностите во областа на едукацијата. Во изминатиот период беа реализирани бројни едукативни програми со ученици од повеќе општини, со што беа поставени темелите на долгорочна програма за подигање на јавната свест за значењето на природното наследство.
Истовремено, институцијата воспостави силна соработка со општините, локалните заедници, планинарските клубови, граѓанските организации и волонтерите. Заеднички беа реализирани бројни акции за чистење на отпад, уредување на туристичката инфраструктура, обележување на патеки, поставување информативни табли и промоција на одговорно користење на природата.
Националниот парк Шар Планина континуирано работи и на создавање услови за одржлив туризам и локален економски развој, преку поддршка на локалните производители, даватели на туристички услуги и промоција на традиционалните вредности на регионот. Целта е придобивките од заштитата на природата директно да ги почувствуваат и луѓето кои живеат на Шар Планина.

Во рамките на свеченоста беше изразена искрена благодарност до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, локалните самоуправи, меѓународните донатори, партнерските организации, научната заедница, волонтерите и бројните поединци кои во изминатите пет години придонесоа кон развојот на институцијата.
Иако Националниот парк Шар Планина е една од најмладите институции од ваков вид во државата, неговата амбиција останува јасна – преку современо управување, научно заснована заштита, партнерство со локалните заедници и развој на одржлив туризам, Шар Планина да стане една од најпрепознатливите и најпосетени природни дестинации во Европа.
Пет години претставуваат само почеток. Пред институцијата претстојат нови предизвици, но и нови можности да продолжи да го штити ова непроценливо природно богатство за идните генерации.
МИА






