„Искрено, разочаран сум од тоа што го гледам. Советници да гласаат против подобри услови за децата во училиштата е навистина несфатливо. Денес се училиштата, утре ќе бидат градинките. Толку ли ви се важни партиските насоки?“, прашува Герасимовски.
Тој во реакцијата уште вели дека сите доаѓаат од политички партии, но дека сите се избрани да работат за граѓаните.
„Во изминатите четири години сите одлуки што беа во интерес на граѓаните, децата, учениците и училиштата добиваа поддршка, без разлика на политичката припадност. За жал, последните недели гледаме поинаков пристап – прес-конференции, политички напади и одлуки кои очигледно се носат во интерес на партиски штабови, а не на граѓаните. Ќе ви се удри од глава тоа што не гласате за вработување на технички персонал и дефектолози. Знаете ли што значи училиштата да немаат доволно технички персонал? Кој ќе се грижи за хигиената? Кој ќе им помогне на децата со посебни образовни потреби? Лудост е пак да гласаме за дупови како што се гласало пред 10 години, само заради лични интререси! Ова е навистина срамота за советниците на ВМРО ДПМНЕ да си поигруваме со децата, сега во школите, а после и градинките Четири години не дозволивме партиските интереси да бидат пред интересите на граѓаните и така ќе продолжиме. Кога носите вакви одлуки, размислувајте со своја глава и гласајте во интерес на граѓаните, а не по партиски директиви“, рече Герасимовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека Герасимовски и СДСМ си поигруваат и манипулираат со чувствата на родителите и најмладите, за да се скријат од деценија расипништво во Центар.
„Кога се крати од сите развојни програми на општината за да се платат судски трошоци од милиони евра, прво решение што му текна на Герасимовски е вработување партиски кадри. ВМРО-ДПМНЕ не е против нови вработувања, онаму каде што е потребно. Но, тоа не смее да биде алатка за ублажување на гневот и разочараноста на Центарци. Мора да биде процес кој е транспарентен, со добро образложение и оправданост. Моментот на оваа одлука се поклопува точно со судската пресуда, Центар да врати 2,5 милиони евра оштета на градежна компанија од Гостивар, поради раскинување на договор за изградба на катна гаража. Јасна е целта. Ако Герасимовски четири години раководи со општината, а СДС повеќе од една деценија, и проблемот со недостигот на технички персонал и дефектолози е толкав колку што го опишува, вистинското прашањето е зошто овој недостиг не е решен со време, туку се актуелизира токму сега“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На деветтата седница на Советот на Општина Центар се води бурна расправа околу потребата од нови вработувања во основните училишта. Од страна на општинската администрација беше посочено дека училиштата се соочуваат со сериозен недостиг од технички персонал, хигиеничари и дефектолози, што директно влијае врз условите за работа и квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Беше нагласено дека станува збор за реална потреба на училиштата, а не за политичко прашање, при што беше упатен повик сите советници заеднички да најдат решение, наместо оваа тема да се користи за дневно-политички и популистички цели, бидејќи последиците од недостигот на кадар најмногу ги чувствуваат учениците.






