Како што информираат од партијата, ДОМ на состанокот бил претставуван од ко-претседателката Ана Угринска, која остварила и повеќе билатерални средби со претставници на европските зелени партии.
На средбите биле потврдени заложбите за зачувување на зелените вредности, почитување на демократските принципи, меѓународното право и безбедноста, а посебен акцент бил ставен на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Од ДОМ посочуваат дека е потребна поефикасна и пообединета Европска Унија, ослободена од блокади и злоупотреби на правото на вето во процесите поврзани со европската интеграција и заедничките стратешки политики.
„Интеграциските процеси се од исклучителна важност не само за Македонија и земјите од Западен Балкан, туку и за цела Европа и во таа насока сега е вистинскиот момент за укинување на ветото како блокирачки механизам и на тој начин да се зајакне европската соработка во областа на дипломатијата и безбедноста“, потенцирала Угринска.
Како полноправна членка на Европската зелена партија, ДОМ најавува дека ќе продолжи активно да учествува во процесите поврзани со демократијата, безбедноста и владеењето на правото, со цел придонес кон евроинтегративниот пат на државата.






