Како што соопштија од кабинетот на Димовски, вицепремиерот во своето обраќање истакнал дека јубилејот на Агенцијата претставува сведоштво за петнаесет години посветена и одговорна работа, континуирано јакнење на институционалните капацитети и унапредување на системите за контрола на безбедноста на храната и храната за животни.
Тој нагласил дека во услови на глобални предизвици, како што се климатските промени, појавата на нови болести и нарушувањата во синџирите на снабдување, безбедноста на храната станува прашање на национална безбедност, јавно здравје и доверба во институциите. Притоа посебно го истакнал значењето на концептот „Eдно здравје“, кој ја нагласува поврзаноста меѓу здравјето на луѓето, животните и животната средина.
Димовски оценил дека паралелно со институционалното зајакнување расте и свесноста кај операторите со храна за важноста од почитување на стандардите за безбедност и квалитет, како предуслов за доверба, конкурентност и одржлив развој. Тој посочил дека охрабрува и зголемената свесност кај граѓаните како потрошувачи, кои сѐ поактивно ги бараат и ги штитат своите права на безбедна и квалитетна храна.
Димовски ја потврдил посветеноста на Владата за натамошно јакнење на капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство и на сите институции кои се дел од системот за заштита на здравјето на граѓаните истакнувајќи дека крајната цел е секој граѓанин да биде сигурен дека храната што секојдневно ја консумира е безбедна, контролирана и произведена во согласност со највисоките стандарди.






