четврток, 4 јуни 2026

Исмаил Синани е предложен за нов член на КСЗД

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница по спроведената постапка и разгледувањето на кандидатурите за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за оваа позиција го предложи Исмаил Синани.

Објавено на

часот

Сподели

Во Комисијата денеска се одржа јавна расправа за утврдување на предлог-листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На јавниот оглас беа пријавени вкупно 11 кандидати, од кои осум ги исполнија условите утврдени со огласот. Кандидати кои го поминаа првичниот процес на селекција беа: Миле Стојановски, Јасна Оровчанец-Арангеловиќ, Исмаил Синани, Усеин Елезоски, Кадрије Мустафа, Жаклина Дамческа, Кристина Наќеска-Арсовска и Несиме Јашари-Љума.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски при отворањето на седницата ги запозна присутните со начинот на спроведување на постапката и текот на интервјуирањето на кандидатите. Воедно, ги информираше присутните дека кандидатите Усеин Елезоски и Кадрије Мустафа се неоправдано отсутни.

Шест од осумината кандидати кои ги исполниле условите за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска се претставија пред членовите на собраниската Комисија и пред претставници на невладиниот сектор.

Исмаил Синани дипломиран новинар и магистер по дипломатија и меѓународна политика-надворешна политика од Скопје во своето претставување нагласи дека Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува најважен правен инструмент кој нашата земја го изградила во согласност со европските и меѓународните стандарди за човековите права.

„Во таа насока, врз основа на моето искуство како новинар околу три децении, но и како сопруг и родител на две деца, верувам дека како член на Комисијата ќе можам да го дадам мојот придонес, особено врз основа на мојот личен интегритет, објективноста и човечката чувствителност. Бидејќи, ако не постоеше човечката чувствителност, не знам каква смисла би имал животот“, рече Синани.

За него, дискриминацијата не е само правна категорија, туку секојдневна човечка реалност која ја среќаваме, но не ја гледаме.

„Или подобро кажано, ја гледаме, но не ја перцепираме, бидејќи во најголем број случаи не сакаме да се мачиме со проблемите на другите. И така стануваме исклучувачки и во поголемиот број случаи го губиме и чувството за реалниот свет, којшто не е розов, туку со сите проблеми и солзи на кои поминуваат покрај, често поради физичките недостатоци што ги имаат на телото, а уште почесто затоа што некој посилен од нив ги гази“, истакна Синани.

Доколку ја добие довербата од пратениците вети дека ќе го стави максимално целиот професионален, човечки и емпатичен багаж во служба на подигање на свеста дека доброто е добро само кога сите го уживаат и го споделуваме заедно.

Миле Стојановски, дипломиран правник од Скопје, државен советник за прекршочни политики во Министерството за економија и труд во своето излагање меѓу другото кажа дека бил креатор на законите за забрана за вршење на нерегистрирана дејност и за евиденција на невработени лица, во кои во еден дел се спречувало директно дискриминација по однос на вложувањето на капиталот, а другиот беше поелементарните права кои што ги поседуваат луѓето како човечки суштества…

„Да укажам на одредени состојби кои што според мене не се соодветни, најсоодветни, има простор за подобрување, и верувам дека ова ќе допре до релевантни институции, компетентни луѓе кои што во блиска иднина ќе делуваат на ова поле, односно ќе биде отворено ова прашање и мислам дека заслужуваме да имаме подобра легислатива“, рече Стојановски.

Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, која работи во Македонско здружение на млади правници, со работно искусво како адвокат и во Мисијата на ОБСЕ во Скопје рече дека во сферата на заштита од дискриминација работи од 2011 година.

„Еден од првите адвокати кои застапуваа предмети за заштита од дискриминација. Во два од нив беше утврдена дискриминација, едниот виктимизација, другиот по основ на попреченост. Мојата работа продолжи како проектен координатор во Македонското здружение на млади правници, каде што работевме на советување на странки, на помош на маргинализираните лица и работевме на стратешко застапување на предмети. Направивме значајна промена во однос на тогашната системска дискриминација на Ромите во државата, како и работевме на застапување на случаи на бремените жени кои беа дискриминирани во областа на работните односи“, истакна Оровчанец Аранѓеловиќ.

Кристина Наќеска Арсовска, која е дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по меѓународно право и меѓународни односи, од Кичево со работно искуство од околу 15 години во Апелацискиот суд Скопје, како судски соработник истакна дека работи на предмети од граѓанска област, кои покрај останатите третираат и предмети со основ на дискриминација.

„Поради тоа и моето долгогодишно работно искуство и затоа што сметам дека човековите права се едни од темелните вредности на Уставот, сметам дека со моето знаење и досегашни способности можам да придонесам за поефикасна работа на Комисијата, па затоа се пријавив на овој оглас на Комисијата за заштита од дискриминација“, истакна Наќеска Арсовска.

Несиме Јашари Љума, дипломиран правник со положен праводуден испит од Тетово, вработена во Вишото јавно обвинителство Скопје изјави дека доколку ја добие довербата да стане член на Комисијата вети дека ќе постапува согласно Уставот и законите и оти ќе работи совесно, непристрасно, одговорно, со цел зајакнување на довербата на граѓаните кон сите институции, а посебно до Комисијата за заштита и спречување од дискриминација.

„Во текот на мојата кариера сум се соочила со различни дискриминации, било работно, родово и други слични. Борбата против дискриминација не е само законска обврска и морална должност на секое демократско општество. Секој граѓанин, без разлика на неговата припадност, јазик, пол, вера, нација и било која друга причина, има право на исттретман и остварување на своите лични права“, истакна Јашари Љума.

Жаклина Дамческа дипломиран правник од Прилеп изјави дека како адвокат во своето триесетгодишно искуство работела со ранливи и маргинализирани групи. Била член на Антикорупциска комисија, и дел од тимот  во Државното правобранителство.

„Моето правно искуство во праксата се збогати со случаи кои бараат прецизно преливање на меѓународните стандарди во домашното законодавство. Денес пред вас стојам како кандидат кој целосно ја разбира тежината на функцијата, кој е подготвен веднаш, без денови за адаптација, да се вклучи во работата на комисијата и да придонесе за зајакнување на нејзиниот правен легитимитет преку издржани, професионални и пред сè правични одлуки“, рече Дамческа.

Покрај членовите на Комисијата и пратениците, во процесот активно учествуваа и претставници на граѓанскиот сектор, меѓу кои Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и други организации кои дејствуваат во областа на спречувањето и заштитата од дискриминација.

Членовите на собраниската комисија претходно ја утврдија и предлог одлуката за изменување на одлуката за избор на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата на Собранието за следење на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Предлог одлуката, како што кажа претседателот на комисијата Сајкоски е врз основа на барањето доставено од страна на координаторот на пратеничкиот група ЗНАМ, Бобан Карапејовски и за член на Комисијата на местото на пратеникот Миле Цеков се предлага пратеникот Павле Арсовски.

Комисијата на денешната 57 седница ја усвои и предлог – одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември”. Одлуките од денешната 57 седница ќе бидат доставени до Собранието.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ