Постапката за трајно складирање на запленети моторни возила е во ингеренции и ја води Општина Велес,откако на последната седница на Советот на Општина Велес беше донесена одлука за обезбедување на парцела за оваа потреба на СВР Велес. Според информацијата од секретарот на Општина Велес, Панче Јанев, засега е дефинирана местоположбата на локацијата за трајно паркирање на овие запленети возила и во тек е постапкаа на изготвување на потребна техничка документација.
Тој појасни дела парцелата за трајно одлагање на запленети моторни возила наменета за потребите на СВР Велес ќе биде лоцирана пред поранешната конфекција „Стоби“, спроти дворот на поранешна Топилница и во близина на складот за дрва на „Бабуна“.
„За оваа намена во Општина Велес во тек во подготовка на потребна документација. Со реализацијата, во текот на летните месеци ќе се овозможи трајно решение на оваа потреба на Сектор за внатрешни работи Велес“, појасни Јанев.
Со тоа старите моторни возила во делумно возна состојба или половни возила, кои што со години се одлагаа, на паркингот наменет за службените полициски возила на велешката полиција, а коишто полициските службеници ги запленуваат во секојдневните акции или инциденти, наскоро ќе добијат нова, трајна локација.
Воедно со рeшaвање на овој проблем, конечно ќе се отстрани и грдата глетка од пред СВР Велес, а кој е дел од комплекс од згради во која се сместени повеќе подрачни единици на државни институции заедно со зградата на Општина Велес.
МИА






