Со овој закон, посочи Сали, се става крај на претходните решенија, кои беа делумни или недоволни.
„Балансерот беше само дигитална алатка и делумно решение која не може да се спореди со едно сеопфатно законско решение. По 23 години ние како ВРЕДИ конечно го заокружуваме ова прашање со закон. Овој закон ја ужива поддршката од Советот на Европа бидејќи за него е дадено позитивно мислење од Венецијанската комисија“, истакна Сали.
Министерот додаде дека со овој закон Владата прави историски чекор во унапредување на Охридскиот рамковен договор и оти тој нуди неколку важи решенија и се темели на реални податоци.
„Законот го штити правото на слободно самоизјаснување, но истевремено ја спречува неговата злоупотреба. Доколку се утврди злоупотреба ва оваа насока, кандидатите ќе бидат одбиени и ќе немат право да аплицират на јавните конкурси во период од три месеци“, посочи тој.
Сали ги повика сите пратеници да го поддржат овој предлог на закон, бидејќи, како што посочи, правичната и содветната застапеност не е прашање што му припаѓа само на Влен или на една политичка партија, таа е темелна вредност на уставниот поредок и државен интерес на Македонија.
Во текот на дискусијата беше истакнато дека начелото на правична и соодветна застапеност е уставна вредност која произлегува од Охридскиот рамковен договор и претставува еден од темелите на мултиетничкиот карактер на државата.
Пратениците од опозициските партии на Албанците го критикуваа законското решение, посочувајќи дека со него не се предвидени квоти ниту, пак, како ќе се контролира дали правичната застапеност се почитува, а тоа, велат, ќе има долгорочни последници. Укажаа дека правичната и соодветената застапеност се столбот на Охридскиот рамковен договор и на Уставот.
Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците критикуваше дека на овој закон му недостасуваат критериуми и стандарди. Според него, предлог-законското решение нема механизми за спроведување, ниту санкции.
„Закон без механизми за спроведување и без санкции е само закон на хартија и нема ниту еден задолжителен елемент. И затоа институциите ќе се повикуваат на некои членови на овој закон, притоа нема каде да ги најдат тие членови“, оцени Азири.
Претходно, денеска, Комитетот за односи меѓу заедниците, со 11 гласа за и два против, изгласа предлог-законот за соодветна и правична застапеност да се носи со мал Бадентер, односно со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците што припаѓаат на немнозинските заедници. Пратениците од Европскиот фронт и Албанската лига сметаа дека законот треба да се носи со т.н. голем Бадентер (потребно мнозинство од вкупниот број пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници), но нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството.
Основната цел на предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на земјата – соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.






