На јавната расправа беше истакнато дека туризмот има значаен, но недоволно искористен економски потенцијал, а клучните предизвици се високата сезоналност, недоволната вредност од турист, како и сивата економија.
За подготовка на стратегијата, во наредниот период ќе се спроведе обемно истражување за состојбите во секторот, од каде што преку детални анализи ќе се добијат одговори и насоки за одржливи политики, кои треба да станат дел од програмата на Владата. Предвидени се анализи, од кои се очекуваат правците на дејствување за да се обезбеди подолг просечен престој на туристите, но и попопуларизирање на дестинацијата на домашниот пазар. Ќе се направи и осврт на специфичните видови туризам, како и утврдување на потенцијалот за зголемен удел во алтернативни форми, кои се многу значајни за постигнување рамномерен регионален развој, како и дефинирање решенија за унапредување на регулативата за да се овозможи побрз развој на ваквите видови туризам.
Финалната верзија на нацрт-стратегијата се очекува за крајот на септември, а на крајот на годинава и заокружување на целиот процес.
„Со стратегијата за развој на туризмот 2027 – 2032 поставуваме цврсти темели на современ, одржлив и амбициозен пристап, кој треба да ја трансформира нашата земја во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќање на првата јавна расправа, на која учествуваа хотелиери, туристички агенции, туристички водичи, сопственици на мали семејни објекти, претставници на руралните и на планинските региони, експерти, професори.
Љутков очекува стратегијата да даде јасни одговори и конкретни решенија за: рамномерен регионален развој на туризмот во цела земја; ефективен дестинациски менаџмент на локално и на национално ниво; одржлив туризам, кој ги штити природните и културните ресурси; дигитализација на услугите и промоција на македонскиот туризам; развој на нови, високовредносни производи во културниот, езерскиот, планинскиот, руралниот, винскиот и искуствениот туризам; подобрување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.
„Не сакаме документ што ќе стои на полица. Сакаме оперативна и функционална стратегиј,а која ќе биде вистинско средство за развој и ќе донесе видливи резултати“, порача Љутков.
Тој укажа дека развојот на туризмот не е само економска категорија, туку е двигател на вкупниот развој на државата, создава нови работни места, поттикнува инвестиции, ја зајакнува локалната економија и го промовира меѓународниот имиџ на Македонија.
„Во време на брзи глобални промени, дигитализација, нови очекувања на туристите и засилена конкуренција, ние не смееме да останеме пасивни набљудувачи. Потребен ни е храбар, стратешки и долгорочен пристап. Македонија е земја со огромен, но сè уште недоволно искористен потенцијал. Нашите прекрасни планини и национални паркови, кристалните езера, богатото културно и археолошко наследство, традиционалната кујна, винските региони и автентичната гостопримливост на нашиот народ се вистинско богатство, кое може и мора да стане силна конкурентска предност на меѓународниот туристички пазар“, рече министерот за култура.
Националниот координатор за туризам во Владата, Акан Махмут, посочи дека туризмот денес повеќе не се оценува исклучиво преку бројот на туристички пристигнувања и ноќевања, како што беше нотирано во документот на Светската банка, изготвен за Владата во март годинава.
„Современите туристички политики сѐ повеќе се фокусираат на одржливоста, отпорноста, дигиталната трансформација, инклузивноста и создавањето додадена вредност за локалните заедници. Во таа насока, новата стратегија треба да ја постави Македонија во согласност со современите европски трендови и политики, особено со принципите на Европската агенда за туризам до 2030 година и целите за одржлив развој на Обединетите нации. Македонскиот туризам може да се потпре на исклучително богатите ресурси, кои може да обезбедат конкурентна позиција на европскиот и светскиот туристички пазар. Сепак, потенцијалот сам по себе не е доволен. Потребни се јасна визија, координирана политика и долгорочна стратешка рамка, која ќе обезбеди одржлив и рамномерен развој на туристичкиот сектор“, рече Махмут.
Професор Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство, во име на тимот професори од факултетите од областа, ги претстави методологијата и индикаторите за стратегијата. Како што нагласи, клучниот столб е пазарот.
„Единствен услов за успех е пазарот. Туризмот е дали продаваме. Тука се и капацитетите, туристичка инфраструктура, како се врши маркетингот и промоцијата, иновации, дигитализација, сообраќајна поврзаност, а мора овој дел да го покриеме и со основниот принцип на одржливост#, рече Коруновски, укажувајќи дека туризмот мултиплицира и оти еден денар во туризмот ќе произведе уште 2,90 во угостителството. Ќе се анализираат и платите и коефициентот на вредност при посетата затоа што, посочи, важно е колку ќе потрошат туристите.
Треба да се подобри просечниот престој на туристите кој изнесува 2,6 до 3 дена, што посочи дека е показател за многу кратки престои на туристите. Исто така е и сезоналноста како еден од клучните елементи на туризмот. Целиот промет, укажа, ни е сконцентриран во два месеца, а ниту еден бизнис ако работи два месеца не може да опстане.
Коруновски укажа дека ќе биде потребно и прилагодување на новите туристи и како што рече, генерациите Z, Y, имаат нови барања, новите технологии бараат друг пристап кон производите.
Швајцарскиот амбасадор во државава Кристоф Зомер ја нагласи важноста на одржливиот туризам како еден од стратешките принципи на претстојната туристичка стратегија.
„Посветеноста и грижата туризмот да се развива на еколошки одговорен начин, со заштита на природните ресурси, биодиверзитетот, како и пределите и екосистемите за идните генерации, не е само благородна аспирација, туку и неопходност. Алтернативата, односно оној експлоататорски модел на развој, кој, за жал, сè уште премногу често ги уништува токму оние ресурси врз кои почива туризмот заради краткорочен профит е премногу погубна. Одржливиот туризам не е добар само за животната средина, туку носи реални придобивки за локалните заедници, отвора работни места во поодалечените области и им нуди на младите луѓе кариера каква што тие сè повеќе бараат: флексибилна, креативна и тесно поврзана со природата“, рече Зомер.
Тој истакна дека во креирањето и спроведувањето на стратегијата заедно треба да работат владините институции, приватниот сектор, организациите на граѓанското општество и другите туристички актери. Особено е важно, посочи, активното учество на приватниот сектор. Тоа носи иновации, инвестиции и практично искуство – елементи кои гарантираат дека стратегијата нема да биде само визионерска, туку реално остварлива и прилагодена на пазарната реалност.
МИА






