четврток, 4 јуни 2026

Мицкоски: Историски успех, Македонија за првпат избрана во ЕКОСОК

Државата ќе биде членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации во периодот од 2027 до 2029 година, што претставува едно од најзначајните дипломатски достигнувања од осамостојувањето, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот официјален фејсбук профил.

Објавено на

часот

Сподели

Како што напиша Мицкоски, Македонија за првпат од осамостојувањето е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК), едно од водечките тела на светската организација. На гласањето одржано во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, земјата добила поддршка од 174 држави членки и обезбедила место во Советот за мандатниот период 2027–2029 година.

Изборот во ЕКОСОК, Мицкоски го оцени како значајно дипломатско достигнување и потврда за зголеменото присуство на Македонија во меѓународните организации и процеси. Тој потсети дека Македонија во изминатиот период стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.

„Денешниот избор во ЕКОСОК е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо. Нашата цел е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница. Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап. Продолжуваме да ја зајакнуваме позицијата на Македонија, да создаваме нови можности и да покажеме дека со сериозна работа нашата држава може да биде почитуван и активен дел од глобалните процеси.

Економскиот и социјалниот совет (ЕКОСОК) на Обединетите нации е едно од шесте главни тела на организацијата и има клучна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики на глобално ниво. ЕКОСОК е задолжено за координација на меѓународната соработка во областите на економскиот развој, социјалната политика, одржлив развој, борба против сиромаштијата, образование, здравство, вработување, родова еднаквост, човекови права, како и за климатските и развојните политики.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ