сабота, 21 јуни 2025

Демант на МВР: „Сомнителниот“ софтвер е за дигитална форензика, а не за прислушување

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“. Станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури, се вели во демантот на МВР.

Објавено на

часот

Сподели

„Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, се вели во реакцијата на МВР.

Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека „наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се невистина и брутална лага. Очекуваме СДС да се извинат. Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ