сабота, 19 април 2025

Бугарија изразува подготвеност да започне со изградба на прекуграничниот железнички тунел со Македонија

Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8, најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, пренесува БТА.

Објавено на

часот

Сподели

Изјавата е дадена за време на работниот појадок во Софија со амбасадорите на земјите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на стратешкиот инфраструктурен проект. На средбата присуствуваа и министрите за регионален развој и јавни работи Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запријанов, претставници на Европската комисија, Националната железница и Агенцијата за патна инфраструктура.

Караџов нагласи дека тунелот меѓу Ѓуешево и границата со Македонија не е само инфраструктурен објект, туку стратешка врска што ќе овозможи слободно движење меѓу Црното и Јадранското Море. Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на самиот објект на тунелот.

„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа“, рече Караџов.

Министерот за регионален развој Иван Иванов изјави дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8. Тој ја истакна потребата од забрзување на реализацијата, бидејќи проектот е од исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.

Министерот за одбрана, Атанас Запријанов, пак, истакна дека развојот на основната инфраструктура, вклучително и железничкото поврзување со Република Македонија, е од особено значење за Бугарија и мора да се направи сè што е можно за да се постигне опиплив напредок во краток временски период.

„Бугарија го смета железничкото поврзување со Македонија како клучен елемент на проектот Воена мобилност, кој е приоритет за соработка меѓу НАТО и ЕУ“, нагласи Запријанов. Според него, подоброто поврзување ги зголемува не само одбранбените способности, туку и улогата на регионот во безбедносниот систем на Европа.

Министерот за транспорт и врски,  Александар Николовски на 14-ти минатиот месец објави дека се испратени писма до Европската делегација, до Европската транспортна заедница, но исто така и до Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, откако бугарската влада информирала дека нема предвидено средства за железничката пруга, која треба да ги поврзе Софија-Скопје преку железничкиот Коридор 8.

Николоски тогаш оцени дека одлуката на бугарската влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8.

„Првата фаза од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце e завршена, а рокот за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка е октомври 2026 година.  Третата фаза ќе има смисла само доколку се поврземе со Бугарија. Тунел не може да се изгради до половина,  тоа никаде во светот го нема“, изјави пред еден месец Николоски, дециден  дека за трета фаза мора да има договор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ