недела, 19 април 2026

Австралиски печат од 1946 година: Британска паравојска ја обучуваше грчката полиција за суровост со Македонците во Егејска Македонија

Одгласите од епопејата на македонскиот народ за национален, но и физички опстанок, за среќа се зачувани и во светските архиви, независни и без политичко влијание од државите во соседството, кои македонското прашање на своите територии го „архивирале“ според сопствените интереси.

Објавено на

часот

Сподели

Од таков независен извор, архива на австралискиот печат, пронајден е текст од 12 јули 1946 година, објавен во весникот „Нортерн стандард“ (Northern Standard), каде под насловот „Демократија, каква што им е научена на Грците“ се споредува грчкото колонијално владеење на Грција во тој историски период, потпомогнато од Велика Британија, врз Егејска Македонија и малтретирањето на домородните Македонци (наречени „Словени“) со британската колонијална власт врз Ирска. Како важна аналогија, во текстот се наведува дека грчката полиција која спроведувала терор врз Македонците за време на Граѓанската војна, била обучувана од британските паравоени терористички сили „Црни и Обоени“ (Black and Tans), кои во 1920/21 биле испратени да се борат против Ирската Републиканска Армија (ИРА) за време на Ирската војна за независност. Овие сили биле озлогласени со нивните насилни репресалии против цивилното население.

Написот во австралскиот весник „Нортерн стандард“ е поттикнат од писмо од граѓанин на градот Дарвин (  Северна територија на Австралија), по потекло од Македонија, кој известува дека неговото родно место во Леринско, кое веќе било под грчка власт, речиси и да не останале мажи, а неговиот брат е фрлен в затвор без обвинение.

„Граѓанин на Дарвин, по потекло од Македонија, неодамна добил писмо од дома, кое содржи вести за настаните во Грција, што би билe неверојатни, ако  за жал, тоа што се случува таму не е толку вообичаено. Сепак, како што е, вестите добиваат посебен ефект поради личната близина на некој што е длабоко погоден од нив.

Писмото го информира примателот дека неговиот брат е одведен и фрлен в затвор во Солун без обвинение против него, и дека неговото родно место – Неред, во Леринско, Македонија, е речиси останат без мажи, бидејќи речиси сите оние кои не се добро познати како симпатизери на фашизмот се упатиле кон ридовите, за сопствена безбедност.

Бидејќи моќта зад сегашниот режим во Грција е Британската армија, а авторитетот над Британската армија е лабуристичка влада, не е лесно да се поверува дека отвореното и бесрамно расно и политичко прогонство може да продолжи неконтролирано. Но многу сведоци сведочат за фактите, а човекот што ги организираше ‘Црните и Обоените’ (Black and Tans) во Ирска беше специјално избран да ја организира грчката полиција“, се вели во текстот на австралискиот весник од 1946 година, објавен речиси во реално историско време кога се случувал теророт врз Македонците во Грција.

Како дополнителен аргументиран доказ за случувањата во Егејска Македонија, „Нортерн стандард“ ја објавува и пораката на Обединетиот македонски совет на Канада до Обединетите Нации, каде се наведува  со бројки колку лица биле осудени без обвинение.

„Во поддршка на нашата изјава, од примените писма, ви ги даваме следните факти:

  1. 1. Од селото Склитрон, Леринско, Македонија, беа уапсени 33 лица, а без обвинение 29 од нив беа осудени на затвор од 6 до 15 години, а четворица беа осудени на смрт.
  2. Од селото Загоричени, Костурско, Македонија, Грција, 6 лица беа осудени на доживотен затвор, а 72 на затвор од 5 до 15 години.
  3. Од селото Д’мбени, Костурско, Македонија, 18 лица беа заклучени во штала и изгорени до смрт.
  4. Од некои области целото машко население беше принудено да ги напушти своите домови, 32.000 од нив сега се во Југославија како бегалци, а повеќе од 20.000 живеат во планините.

Ова се само неколку од илјадниците случаи низ цела Грција. Во Егејска Македонија теророт е двоен, особено против словенското население. Монархофашистите на Грција се обидуваат да го истребат словенското население во Егејска Македонија“, се цитира во објавата на „Нортерн стандард“.

Притоа, сите овие настани на злоставување на македонското население се поврзуваат со тогашните политички превирања во Грција, односно претстојниот плебисцит за враќање на грчкиот крал Георгиос. Но исто така се наведува дека сиот терор врз Македонците во Грција се случува со знаење на Британската армија.

„Сите овие работи се случуваат со знаење на Британската армија. Ова е надвор од нашето разбирање. Од овие неколку јасни, необјаснети факти што се однесуваат на едноставниот, домашен, селски живот во рурална Грција, лесно е да се процени силата на расудувањето што ја користи дописникот, кој со сигурност предвидува мнозинство на плебисцитот за кралот Георгиос во Грција.

Како што грчките ројалисти – многумина од нив колаборационисти за време на германската окупација – ги контролираа изборните регистри, може да се очекува мнозинство во корист на враќањето на Георгиос, кога оние Грци на кои им е дозволено да го сторат тоа, ќе го дадат својот глас на плебисцитот за монархијата на 1 септември“, заклучува авторот на текстот „Демократија, каква што им е научена на Грците“, објавен на 12 јули 1946 година, во австралискиот весник „Нортерн стандард“.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ