сабота, 21 јуни 2025

Аудиенција на Сиљановска кај папата Лео 14

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова во Апостолската палата имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лео XIV.

Објавено на

часот

Сподели

Честитајќи му го изборот за понтиф на Католичката црква, претседателката нагласи дека во ова време на голема неизвесност и поларизација во светот, се неопходни неговите охрабрувачки зборови за траен мир, како и неговите заложби за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите.

Сиљановска-Давкова ја изрази македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан. Посочи дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј, претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот престол.

Претседателката констатираше дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на светицата и скопјанка, Мајка Тереза.

Навраќајќи се на историската посета на папата Франциск на државава, претседателката истакна дека со должна посветеност сé уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство, бидејќи таа беше израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите.

На средбата, традиционално беа разменети подароци, при што, претседателката на папата Лео XIV му подари длабока резба од дабово дрво со мотив „Желад“, се вели во соопштението на кабинетот на претседателката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ