На денешната јавна расправа на тема „Влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“ што се одржа во македонското Собрание, министерот Андоновски нагласи дека во изминатиот период се евидентирани сериозни инциденти поврзани со социјалните мрежи и нивното влијание врз малолетниците и затоа потребни се конкретни мерки.
„Искуството покажува дека едукацијата мора да се надополни со јасни правила во училиштата и со ограничување на мобилни телефони во училиштата. Сѐ поголем број европски држави веќе воведуваат вакви мерки. Франција има законска забрана за користење на мобилни телефони во основните училишта. Во Холандија и Италија се применуваат строги ограничувања и насоки. Причините се јасни, намалување на дигитални дистракции, подобра концентрација на учениците, спречување на снимање и ширење на инциденти, намалување на притисокот од социјалните мрежи во училишната средина. Затоа во соработка со Министерството за образование и наука ќе предложам да разгледаме модел кој ќе опфати забрана или строго ограничување на користење телефони за време на наставата, јасни исклучоци за образовни цели и унифицирани правила за сите училишта. Целта е фокус, ред и заштита. Исто така ќе предложам воспоставување видеонадзор според европски искуства. Прашањето за безбедност во училиштата вклучува и технички решенија. Во повеќе европски држави, видеонадзорот се користи како превентивна алатка. Во Обединето Кралство, CCTV-системите се широко користени во училиштата, со јасни правила за намена, пристап и транспарентност. Во Германија, пристапот е рестриктивен, дозволен само во исклучителни случаи, со силен фокус на приватноста. Во Шведска, видеонадзорот е можен, но само со дозвола и јасно образложение за безбедносен ризик. Фокусот е на превенција и на безбедност, а комбинацијата на овие фактори е клучна“, посочи министерот Андоновски.
Пред учесниците на денешната јавна расправа, министерот за дигитална трансформација потсети на мерките кои ги спроведува Министерството за дигитална трансформација за поголема дигитална безбедност.
„Преку иницијативата MKSafeNet, започнавме да градиме структуриран пристап кон дигиталната безбедност и притоа се развија конкретни алатки и ресурси како што се Водич за родителска контрола со практични насоки за родителите за поставување ограничувања, филтрирање содржини и управување со дигиталното однесување на децата. Водич за е-безбедност во училиштата со јасни протоколи за превенција и постапување при онлајн ризици. Едукативни материјали за наставници со структуриран ‘текстбук’-пристап за интегрирање на дигиталната безбедност во наставата. Практични алатки и упатства за користење на решенија за родителска контрола и безбедносни поставки. Практични алатки и упатства за користење на решенија за родителска контрола и безбедносни поставки“, нагласи Андоновски.
Од Министерството за дигитална трансформација информираа дека континуирано работаат на обуки за наставници и родители, ресурси според возраст, советодавни механизми за поддршка, воспоставување национален центар за безбеден интернет.






