Како што кажа Андоновска, со таков однос не се води општина.
„Јавна тајна е дека Лукровски веќе два пати поднесувал оставка. Тоа значи
дека градоначалникот практично кренал раце, а оние што го поставија сега
се обидуваат да го задржат во фотелјата преку компромисно решение —
боледување. Но, ова не е решение, туку купување време. Со ваквиот однос, Општина Карпош се доведува во состојба на несигурност, застој и институционална импровизација. Дополнително, денес Неделчо Крстевски, заменикот на Лукровски, држел колегиуми во Општина Карпош. Тоа е доказ дека тој не се однесува како лице со техничко овластување за потпис, туку како фактички градоначалник. А Карпошани не гласале за Неделчо. Овластување за потпис не е мандат од народот“, рече Андоновска.
Затоа, порача Андоновска, ГРОМ бара итно свикување вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која ќе се расправа за настанатата состојба, статусот на градоначалникот, овластувањата дадени на друго лице и фактичкото раководење со општината.
„Советот мора да биде информиран. Граѓаните мора да ја знаат вистината. Општината мора да работи. Ако Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. А по оставка на градоначалник, следуваат избори за нов градоначалник. Решението е јасно, оставка и избори за нов градоначалник на Општина Карпош“, рече Андоновска.






