Дали сте подготвени да се вклучите во создавање на најдоброто можно утре за нашиот град и нашите села, ги праша Костадинов струмичани.
„Поради растечкиот интерес и секојдневните пораки за можноста за независна кандидатура за градоначалник, сметам дека е чесно и одговорно прво да го консултирам токму народот – вие што живеете, работите и сонувате тука.
Од разговорите со вас, здруженијата, месните заедници и луѓето што не се плашат да го кажат своето мислење, произлезе иницијатива за две независни советнички листи, советничка листа за турската и ромската заедница – со цел гласот на најголемите малцински етнички заедници во Струмица да биде јасно, достоинствено и силно застапен во локалната власт и советничка листа за визија и развој – со фокус на креирање политики за напредок на градот и секое струмичко село. Се надевам дека ќе се одржат и средби со сите партии и здруженија кои сакаат да партиципираат во еден заеднички и достоинствен настап за поголемо претставништво на овие заедници“, напиша на својот фејсбук профил Костадинов.
Тој уште вели дека има простор за сите.
„Нема мали или големи луѓе кога се работи за голема идеја. Без разлика дали сте лекар, бизнисмен, земјоделец, професор, нотар, уметник, пензионер, ученик или чистач – ако имате идеја, визија и желба за подобра Струмица, ве повикувам да ми се јавите. Процесот ќе биде анонимен, ќе се организираат индивидуални средби, ќе има простор за сите мислења. Ова не е политика против некого – ова е политика ЗА нешто.
Политика на здрав разум, достоинство и еднаква можност за сите. Секој што сака да биде дел од нешто ново, чесно и визионерско – нека ми испрати порака. По ова следуваат денови на разговори, слушање и заедничко размислување. Конечните одлуки како што кажав дали ќе има независна кандидатура, дали воопшто ќе се вклучиме во процесот или не, ќе биде јавно кажан за неколку недели, до тогаш започнуваме со широки консултации“, напиша Костадинов.
Ваквата одлука на Костадинов следува откако претседателот на СДСМ Венко Филипче објави дека за кандидат за градоначалник на Струмица ќе биде Марјан Даскаловски.
По ова, Костадинов обајви дека го замрзнува членството во СДСМ.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ. Не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај“, напиша на својот фејсбук профил струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Тој уште најави дека по локалните избори ќе почне со креирање на ново интерпартиско делување.