Од компанијата посочуваат дека сите фази од постапката се реализираат под директен надзор на ЕБОР, што, како што се наведува, претставува дополнителна гаранција за законитост, транспарентност и меѓународна усогласеност на целиот процес.
„Изборот на изведувач се врши исклучиво според процедурите на ЕБОР. Во овој процес, АД МЕПСО како инвеститор има улога на оценување на референците и перформансите на компаниите, без никаква субјективност или влијание врз одлуката“, наведуваат од компанијата.
Оттаму додаваат дека во проектот е избрана докажана хрватска компанија со долгогодишно искуство и значајно присуство на регионалниот и европскиот пазар, што, според нив, претставува дополнителна гаранција за успешна реализација.
Станува збор за компанијата Dalekovod d.d., носител на конзорциумот, која, како што се истакнува, е еден од најреномираните регионални и европски субјекти во областа на електроенергетската инфраструктура.
Компанијата е основана во 1949 година и има повеќедецениско искуство во изградба на високонапонски далекуводи, е листирана на Загрепската берза и функционира според високи стандарди на корпоративно управување. Таа е дел од групацијата KONČAR Group, а реализирала проекти во повеќе од 80 држави, меѓу кои земји од Европската Унија, Скандинавија и Западен Балкан.
Во своето работење, Dalekovod соработува со водечки европски и светски оператори на преносни системи, меѓу кои Statnett од Норвешка, Svenska Kraftnät од Шведска, TenneT од Германија, National Grid од Обединетото Кралство и OST од Албанија.
Дополнително, компанијата располага со широка мрежа на подизведувачи и партнери од повеќе држави во регионот и Европа, со што, како што се наведува, се обезбедува комбинација од локална експертиза, регионално искуство и европски технички стандарди.
Од АД МЕПСО истакнуваат дека остануваат целосно посветени на транспарентно, законито и одговорно спроведување на сите постапки, со цел навремена и квалитетна реализација на проектот за електроенергетска интерконекција со Република Албанија.
„Изборот на реномиран и докажан изведувач, кој работи по највисоки европски стандарди, претставува гаранција за квалитетна реализација на проектот, кој подолг период беше блокиран“, се додава во реакцијата.
Компанијата најавува дека и понатаму транспарентно ќе ја информира јавноста за сите релевантни активности, а медиумите, доколку имаат потреба од дополнителни информации, можат директно да се обратат до АД МЕПСО.
Реакцијата следува откако ДУИ денес побара итно отворање истрага против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, поради, како што тврдат, штета од 6 милиони евра што ќе падне на товар на државниот буџет.






