четврток, 30 април 2026

ДУИ бара истрага за директорот на МЕПСО, шест милиони евра штета поради спорни одлуки

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итно отворање истрага против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, поради, како што тврдат, штета од 6 милиони евра што ќе падне на товар на државниот буџет.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата информираат дека меѓународен трибунал донел одлука со која државата е обврзана да исплати средства на компанијата Енергоинвест, откако претходно била раскината договорната соработка со неа. Според ДУИ, договорот бил заменет со ангажман на фирмата ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ, за која велат дека е поврзана со интересите на Милорад Додик.

ДУИ наведува дека арбитражното тело ги отфрлило барањата на МЕПСО во вредност од 19,3 милиони евра, додека на „Енергоинвест“ му било признато обештетување од 6 милиони евра, средства кои, како што посочуваат, ќе се исплатат од буџетот, односно од граѓаните.

Од партијата оценуваат дека Латифи, кој според нив бил именуван на функцијата врз основа на политички и семејни врски, донел одлуки што директно го оштетиле јавниот интерес и овозможиле влез на компании со спорни врски во стратешкиот енергетски сектор.

ДУИ го повика Јавното обвинителство да покрене кривична постапка за злоупотреба на службената положба, како и да се спроведе ревизија на сите договори склучени за време на неговиот мандат. Дополнително, бараат и итно суспендирање на договорот со „ЕЛНОС БЛ“ сè додека целосно не се утврдат сите околности.

„Шест милиони евра од државниот буџет се цената на политичките именувања и врските со Додик. Бурим Латифи мора да одговара“, порачуваат од ДУИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ