вторник, 12 мај 2026

Зеленски: Во моментов сме во најдобра позиција во последните неколку години

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача денес дека Украина моментално е во најдобрата позиција во последните неколку години, истакнувајќи го напредокот на бојното поле, соработката со сојузниците и развојот на европската антибалистичка одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање до јавноста, тој особено им се заблагодари на европските партнери по состанокот на советниците за национална безбедност, каде што се разговарало за зајакнување на европските антибалистички капацитети и создавање еден вид „противбалистичка коалиција“. „Тоа е нешто што вреди да се направи и сега сме поблиску до резултатот од кога било досега“, оцени Зеленски.

Тој додаде дека на состанокот учествувале 13 земји и кабинетот на генералниот секретар на НАТО, кој го опиша како многу важен чекор за европската безбедност и одбраната на Украина. „Позициите на Украина денес, и на бојното поле и преку нашите капацитети за долг дострел и заедничките резултати со партнерите, се најдобри во последните неколку години“, рече тој.

Зеленски верува дека Украина сега мора да го одржи тој замав и да продолжи да постигнува конкретни резултати. Тој нагласи дека отпорноста на Украина не произлегува само од воената сила, туку и од меѓународните сојузи. „Нема индивидуални победи и нема отпорност во изолација“, смета тој.

Тој истакна дека главната цел на Украина е сè уште зачувување на територијата и суверенитетот. „Ние не се откажуваме од нашата земја или од нашиот суверенитет“, кажа украинскиот претседател.

Зборувајќи за ситуацијата на теренот, Зеленски кажа дека руските напади повторно се интензивирале по неколку дена релативен мир и дека нападите со беспилотни летала „шахед“ и воздушни бомби се обновени. Тој додаде дека Украина продолжува да одговара на руските напади, вклучително и таргетирање цели поврзани со руската гасна индустрија во регионот Оренбург, оддалечен повеќе од 1.500 километри од Украина.

Истовремено нагласи дека Киев продолжува да работи со партнерите за да го отвори патот кон дипломатијата и мирот. На крајот од своето обраќање, тој им се заблагодари на сите Украинци кои учествуваат во одбраната на земјата. „Украина мора да ја издржи оваа војна, да ја брани својата независност и да ја гарантира безбедноста на својот народ. И сигурно ќе го стори тоа“, порача Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ