понеделник, 20 април 2026

Вучиќ: „Во регионот се гради култ на омраза кон Србите“

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денес изјави дека е изложен на насилен притисок од Западот со цел да го соборат од власт и најави дека решително ќе се спротивстави на тоа, а повторно упати индиректни критики кон Хрватска затоа што не му е дозволено да отиде во Јасеновац.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вучиќ учествуваше на одбележувањето на денот на сеќавање на жртвите на усташките злосторства во концентрациониот логор Јасеновац, кој со години го организираат властите на Република Српска во Доња Градина на брегот на Сава во Босна и Херцеговина.

На тоа место усташите извршиле масовни егзекуции на притворени затвореници во логорот. Според податоците на Јавната установа спомен подрачје Јасеновац, таму е потврдено постоењето на 105 масовни гробници со тела на жртви на површина од околу 10.000 квадратни метри, додека подоцна се најдени уште 22 масовни гробници чија површина не е прецизно утврдена.

Усташкиот логор во Јасеновац е основан кон крајот на август 1941 година и функционирал до 22 април 1945 година, кога последната група преживеани затвореници од логорот решила да се пробие. Евреи, Роми, Срби и Хрвати биле затворени таму како политички затвореници или членови на антифашистичкото движење на отпорот, а Хрватска проценува дека таму биле убиени повеќе од 85 илјади затвореници.

Српски историчари, како и политичари, инсистираат дека во Јасеновац биле убиени 700 илјади луѓе, од кои половина милион Срби, а натписи со тие бројки беа изложени во Доња Градина.

Во говорот кој го одржа таму денес Вучиќ повторно се пожали дека му било забрането да оди во Јасеновац и да положи венци, па потврди дека оваа година, на страната на Сава од Босна и Херцеговина, Србија и Република Српска ќе почнат да градат свој меморијален комплекс посветен на жртвите на Јасеновац.

Тој кажа дека за време на комунистичката ера, усташите и четниците биле неосновано изедначувани, ги обвини комунистите дека не сакале да го ослободат Јасеновац и дека ги прикривале злосторствата извршени таму, а ја искористи можноста да зборува за хрватската воено-полициска операција „Олуја“, кажувајќи дека Србите се сметани за виновни дури и „кога 250 илјади од нив ќе бидат протерани“.

„Нема да има повеќе трактори или бегалци Срби, ниту пак некој, во кое било време, ќе го повтори геноцидот и тешките злосторства против нашиот народ“, порача тој.

Тој кажа дека во регионот се гради „култ на омраза кон Србите“, па го опиша и Слободан Милошевиќ како жртва, а оние што го екстрадираа во Хашкиот трибунал, односно владата на убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, ги опиша како предавници. Се пожали и на нелегалното грабање на Косово и независноста на Црна Гора.

Најави дека неговата влада решително ќе се спротивстави на сите притисоци, најавувајќи дека ќе изгради „остров на слободата во Европа“.

Милорад Додик, кој во моментов е лидер на владејачката политичка партија во РС, исто така доби можност да одржи говор во кој ги нападна Бошњаците, напаѓајќи го високиот претставник на Западот Кристијан Шмит, споредувајќи го со нацистите, како и администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден. „Секој кој ми мириса на усташи е мој џелат и непријател“, кажа Додик.

Тој се пожали за тоа што ниту еден од западните дипломати денес не дојде во Доња Градина. „Срам да ви е“, им кажа Додик, обвинувајќи ја Европската Унија дека ги игнорира српските жртви и ги „мачи“ босанските Срби со тоа што ги држи во БиХ.

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфирие, кој ја водеше верската церемонија, во својата проповед кажа дека за жал и срам на човештвото, бесмисленото крвопролевање сè уште се случува низ целиот свет денес, па затоа треба да се потсетиме дека злото нема последен збор бидејќи тој му припаѓа на љубовта и животот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ