вторник, 21 април 2026

Волстрит џурнал: Трамп со часови им викал на советниците поради соборениот авион во Иран

Воените советници намерно го исклучиле американскиот претседател Доналд Трамп од командната соба за време на неодамнешната операција за извлекување на соборениот американски пилот во Иран, бидејќи стравувале дека неговата непредвидлива природа би можела да ја загрози мисијата, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на висок функционер на администрацијата.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката била донесена во период на голема тензија за американскиот претседател. Откако иранските сили соборија американски авион, Трамп, според весникот, со часови им викал на соработниците во Западното крило, што личело на американската заложничка криза во Иран во 1979 година.

„Ако погледнете што му се случи на Џими Картер… поради тоа ги изгуби изборите“, кажал Трамп, според извори запознаени со ситуацијата.

За да се намали ризикот од импулсивни одлуки, советниците го информирале претседателот само во „клучни моменти“, наместо да го вклучуваат во деталното, минута по минута следење на операцијата кое го имал Советот за национална безбедност.

Операцијата за спасување траела напнати 24 часа во текот на тој викенд и била оптоварена со бројни проблеми. Додека потпретседателот Џеј Ди Венс и началникот на Генералштабот Сузи Вајлс го следеле напредокот од оддалечени локации, во командниот центар владеела интензивна активност.

Мисијата речиси пропаднала поради технички тешкотии кога спасувачкото летало накратко се заглавило во пустинскиот песок. Во исто време, американските сили спровеле сложени маневри за да го одвлечат вниманието на иранските сили, додека соборениот пилот, чиј идентитет не е објавен, бил преместен на точка за извлекување. Вториот пилот бил успешно спасен доцна во саботата навечер.

Но, олеснувањето во Белата куќа не траело долго. Околу 2 часот наутро, Трамп отишол да одмори, а шест часа подоцна се разбудил и го објавил ултиматумот полн со пцовки на социјалните мрежи, заканувајќи се дека Иран ќе „живее во пекол“ ако не се отвори Ормускиот теснец.

И покрај воинствената реторика и заканите со „уништување на иранската цивилизација“, во извештајот се наведува дека Трамп е главната пречка за почнување копнена инвазија. Воените планери наводно му презентирале опции за заземање на островот Харг, клучен центар за околу 90 проценти од извозот на нафта на Иран.

Советниците му кажале на американскиот претседател дека операцијата ќе биде тактички успешна и ќе го обезбеди Ормускиот теснец, но Трамп го отфрлил планот. Тој наводно изразил загриженост за можни тешки американски загуби и кажал дека војниците на островот би биле „лесна цел“.

Оваа претпазливост во приватните разговори, пишува весникот, е во остра спротивност со неговите јавни настапи, во кои зборува за сопствената „храброст“, па дури и ја споменува можноста да си го додели Медалот на честа.

Конфликтот, кој САД и Израел го почнаа на 28 февруари, веќе го надмина рокот од шест недели кој Трамп претходно ѝ го вети на американската јавност. За време на кампањата тој тврдеше дека ќе го реши долгогодишниот безбедносен проблем со комбинација од воздухопловни и поморски сили, но сега се соочува со непопустлив противник.

Американските претставници сè повеќе се вртат кон преговорите во Пакистан како можен излез од кризата, особено бидејќи расте незадоволството на Трамп од недостатокот на поддршка од европските сојузници.

Трамп постојано ги критикува британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, а наводно средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја нарекол „губење време“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ