петок, 16 мај 2025

Во руските напади на Харков повредени се 47 лица, во украинските напади на рускиот крај Краснодар четворица

Во напад со руски беспилотни летала врз Харков, во североисточна Украина, повредени се 47 цивили, соопшти синоќа локалната полиција, додека руската страна објави дека четири лица се повредени во синоќешните украински напади врз рускиот регион Краснодар.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Во непријателските напади врз Харков, повредени се 47 цивили“, објави украинската локална полиција на својот профил на Телеграм, регионалниот гувернер Олег Синегубов рече дека околу педесет лица се повредени, меѓу кои и едно 11-годишно дете.

Четири области во Харков беа погодени, избувнаа пожари, а оштетени се станбени згради, цивилна инфраструктура и возила, рече Синегубов.

Харков, кој се наоѓа во близина на руската граница, беше постојано цел на напади во текот на руската инвазија што започна во февруари 2022 година.

Нападот беше извршен неколку часа по руските напади врз јужниот град Запорожје, во кои беа ранети околу 20 лица.

Од друга страна, руските локални власти ги осудија украинските напади врз југозападната руска област Краснодар, во кои беа повредени четири лица.

Гувернерот на регионот Краснодар, Венијамин Кондратиев, преку Телеграм објави дека синоќа Киев извршил масовен напад на брегот на Црното Море во регионот Краснодар.

„Најлоши последици има во Новоросијск, каде се оштетени неколку станови, а според привремениот биланс, повредени се четири лица, двајца возрасни и две деца“, изјави гувернерот.

Минатата недела Русија објави тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај, со што се одбележува прославата на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна. Киев ја нарече мерката манипулација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ