среда, 19 ноември 2025

Внукот на Арафат се врати на Западниот Брег

Внукот на покојниот палестински лидер Јасер Арафат се врати на Западниот Брег по четири години егзил, откривајќи план за постигнување мир во Газа, според кој Хамас ќе се трансформира во политичка партија, а воедно изрази и спремност да помогне во управувањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Насер ал-Кудва, истакнат критичар на сегашното палестинско раководство, исто така повика на „сериозна борба против корупцијата во земјата“. Тој рече дека Фатах на претседателот Махмуд Абас мора да спроведе длабоки реформи и да направи повеќе за да се соочи со насилството на еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег.

„Првата должност… е да ја вратиме довербата на народот – нешто што го изгубивме – и мора да бидеме доволно храбри да признаеме дека повеќе ја немаме. А без тоа, искрено, сè е бесмислено“, рече Кудва во интервју за Ројтерс.

Кудва го напушти Западниот Брег во 2021 година откако беше исклучен од Фатах, движењето основано од неговиот чичко, затоа што одлучи да се кандидира со своја листа на изборите, спротивставувајќи му се на Абас, кој потоа ги откажа изборите.

Абас (89) повторно го прими Кудва во Фатах минатата недела, откако понуди амнестија за исклучените членови на движењето.

Неговото враќање се совпаѓа со зголемениот притисок врз Махмуд Абас да ги спроведе долговетуваните реформи во Палестинската управа, додека таа се обидува да си ја врати улогата во Газа што ја изгуби од Хамас во 2007 година – и покрај противењето на Израел и фактот дека беше изоставена од планот на претседателот Доналд Трамп.

Кога Трамп прогласи дека војната е завршена, во фокусот се најде прашањето за идното управување со Газа. Следната фаза мора да биде да се одговори на барањата Хамас да се разоружи и да го прекине своето владеење во Газа, од каде што ги започна нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година што ја предизвикаа војната.

Иако оскуден во деталите, предлогот на Трамп бара технократски палестински комитет, под меѓународен надзор, да управува со Газа, како и распоредување меѓународни сили за поддршка на новата палестинска полиција.

Во зависност од тоа како ќе се развиваат плановите на Трамп понатаму, палестинските аналитичари веруваат дека Кудва би можел да игра важна улога, со оглед на неговите врски со арапските држави, контактите со Хамас, неговиот статус како внук на Арафат и неговото потекло од Газа – тој е роден во Кан Јунис.

„Доколку сум потребен, нема да се двоумам“, рече Кудва (72).

Идеите на Кудва се темелат на тоа Хамас да се обврзе да ја прекине и административната и безбедносната контрола врз Газа и да го стави своето оружје под контрола на ново управно тело. Хамас изјави дека е спремен да не учествува во владата, но решително го отфрли разоружувањето, потсетува Ројтерс.

За возврат, „треба да им се отвори вратата кон политичка трансформација – кон политичка партија“, рече Кудва.

Тој додаде дека постојните средства на Палестинска управа во Газа би можеле да се користат за формирање нови полициски сили, а дека и сегашните членови на полициските сили во Газа би можеле да бидат проверени и вклучени во нивниот состав.

Според него, на Хамас треба да му се дадат јасни гаранции.

„Хамас мора да разбере дека никој нема да го гони, дека некои од нивните вработени ќе добијат нова можност, дека нема да бидат убиени и дека ќе им се даде можност да учествуваат во политичкиот живот“.

Кудва предложи палестински „совет на комесари“ да ја преземе администрацијата на Газа. Иако Абас би можел да го назначи претседателот на тој совет, кој би ја одржувал врската меѓу Западниот Брег и Газа, Кудва нагласи дека не предлага враќање на Палестинската управа во нејзината сегашна форма.

Тој рече дека меѓународниот надзор би бил прифатлив, но дека Газа мора да биде управувана од Палестинците и дека мора да им биде дозволено да одржат избори, кои последен пат беа одржани во 2006 година.

Кудва не сакаше да открие детали за корупцијата што претходно ја посочи, но рече дека е „зачуден“ од нејзината распространетост. Според анкетите, повеќето Палестинци веруваат дека Палестинска управа е корумпирана.

Политичкиот аналитичар Хани ал-Масри рече дека Кудва можеби има улога во Газа, но дека палестинските фракции прво мора да се согласат за заеднички пат напред. „Ниту една личност не може да игра успешна улога без консензус“, рече тој.

„Предизвиците се огромни. Најголемиот од нив е Израел, кој не сака Палестинска управа да се врати во Газа.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ