петок, 24 април 2026

Жена од Авганистан: Изгубивме сè, ова е како судниот ден. Темнината ќе нѐ проголта

Објавено на

часот

Сподели

Во тоа време, застрашувачки песни трештеле од звучниците поставени на камионите на талибанците што кружеле по улиците. Штом ќе ги слушнат, луѓето се повлекувале во своите домови.

Марина еднаш била на пат кон чаршија, веќе далеку од дома, кога од никаде се појавил талибански борец и ја удрил со камшик по лицето бидејќи не носела бурка.

Имала 12 години.

Денес има 37 години и одмавнува со главата гледајќи како нејзините помлади братучетки се обидуваат да облечат бурка за прв пат во животот.

Талибанците се вратија пред помалку од една недела, а девојките веќе се борат со сините покривки за телото, изработени од материјал сличен на пластика.

Нивните очи за првпат го гледаат светот од позади велот.

Снаата на Марина купила бурка пред три недели, под претпоставка дека милитантите би можеле наскоро да пристигнат во градот.

„Тоа е веројатно највидливиот знак дека тие повторно се на власт“, рече Марина за дпа преку телефон.

Германските новинари не откриваат од кој град зборува.

„Во реалноста, бурката е нашиот најмал проблем“.

Марина е сигурна дека Авганистанките наскоро ќе мора да се справат со многу полоши работи.

По американската инвазија на Авганистан, Западот се обиде да ги зајакне правата на жените во земјата со воспоставување бројни програми во градовите и во селата.

Тоа имало големо влијание врз многу жени. „За првпат сфатив дека цел живот ме третираа како животно“, вели жена од покраината Бадахстан.

Охрабрени од ова, тие почнале да бараат повеќе права во семејството, барајќи да бидат сослушани, образовани, вработени и да имаат право да учествуваат во политиката.

Но, буквално немало никакви програми кои мажите би ги учеле за важноста на правата на жените. Мажите често знаат само еден одговор на ново барање – насилство.

Жените кои пријавувале во полиција само се нашле соочени со повеќе мажи со ист став и ново насилство.

Правата што Авганистанките до неодамна ги уживале, од учество во спорт до избор на студии, биле остварени со големи жртви и со помош на храбри активисти кои ги ризикувале своите животи за поголема слобода.

Авганистанките тоа го знаат. И знаат што сега е на коцка.

Заземањето на Кабул од страна на талибанците и де факто преземањето контрола над земјата е катастрофален удар за правата на жените.

„Ние жените загубивме сè“, вели активистката Раихана Асад. „Се соочуваме со ситуација која изгледа само нешто помалку страшна од судниот ден“.

Таа не верува во ветувањата на талибанците дека ќе ги почитуваат правата на жените „во рамките на исламскиот закон“.

На некои телевизиски новинарки веќе им било кажано да не доаѓаат на работа, а талибанците исто така ги испратиле дома студентките во Херат и им рекле да не се враќаат на факултет.

И сега се плаши дека е само прашање на време кога на девојчињата ќе им биде забрането да одат на училиште. Само чекаат да се консолидираат на власт, рече таа.

Таа е убедена само дека нема да има повеќе јавно тепање или каменување жени. Слушнала дека талибанските борци бараат активистки, вклучувајќи ја и неа.

„Тие нема јавно да ги погубат активистките или жените како мене. Едноставно ќе не проголта темнината“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ