Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, денеска изјави дека ќе побара да им се забрани влез во Србија на оние што гласаа за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
„Претседателот Вучиќ не е човек што забранува, но ќе го замолам да им забрани влез на оние што гласаа за резолуцијата во Србија. Своите семејства, добро распоредени во Белград, нека си ги гледаат во Црна Гора“, напиша Вулин во соопштението.
Според него, оние што гласале за резолуцијата за Сребреница во црногорскиот парламент „се отпишаа од Србите“.
„Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ последен пат ги разочара Србите, по овој срам, ништо веќе од него не може да нѐ разочара“, рече Вулин.
Црногорскиот парламент вчера усвои резолуција за геноцидот во Сребреница, додека министерот за човекови и малцински права Владимир Лепосавиќ беше отпуштен по предлог на црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, поради изјавите во кои го „релативизира геноцидот во Сребреница“.






