Вучиќ синоќа за провладината телевизија Пинк кажа дека некои држави во регионот за успех на туристичката сезона ги штелуваат бројките на новозаразени со коронавирусот, тврдејќи дека е „јасно дека добар дел од луѓето кои се враќаат од летување од Црна Гора, Грција и Хрватска доаѓаат заразени“. Српскиот претседател притоа не се повика на какви било извори ниту наведе од каде му е таквата информација.
На ова денес, одговарајќи на новинарско прашање, реагираше потпретседателот на владата на Хрватска и шеф на Националниот штаб за цивилна заштита Давор Божиновиќ.
„Ние сме сигурно една од државите кои од првиот ден на најтранспарентен начин комуницира за оваа криза со јавноста. Штабот на почетокот имаше конференции секој ден па тие се проретчија. Ние последната ја одржавме пред десеттина дена. Ваквите паушални оценки воопшто не сакам да ги коментирам“, кажа Божиновиќ.






