Нет блокс на својата веб-страница потврди дека комуникацијата на Куба на Фејсбук, Вотсап, Инстаграм и Телеграм е „делумно нарушена“.
„Моделот на ограничувања забележани на Куба укажува на континуирано нарушување на платформите за пораки што се користат за споделување информации за протестите во реално време“, рече директорот на Нет блок, Алп Токер, пренесува Ројтерс.
Незадоволни од лошата економска состојба, недостигот од храна и лекови, прекините на електрична енергија, високите цени и начинот на кој владата се справува со епидемиската криза, илјадници Кубанци се приклучија на демонстрациите низ Куба.
Повеќе десетици луѓе беа уапсени за време на најголемите протести на Куба во последните неколку децении, едно лице загина, а неколку граѓани и припадници на безбедносните сили беа повредени на протестот во предградието на Хавана во понеделникот, потврдија претходно локалните медиуми.
Министерството за внатрешни работи синоќа соопшти дека 36-годишен демонстрант починал во понеделникот за време на судир меѓу демонстрантите и полицијата во општината Аројо Нарањо во предградие на Хавана.
Министерството соопшти дека имало апсења и повреди, вклучувајќи и неколку полицајци.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ги повика приврзаниците на Комунистичката партија да им се спротивстават на демонстрантите и за време на своето телевизиско обраќање до нацијата, Дијаз-Канел ги обвини Соединетите Држави за немирите и санкциите во Вашингтон, кои траат во различни форми од 1962 година, оценувајќи дека Америка води политика на „економско задушување на Куба“.






