Претходно, компанијата продаде вкупно околу 600 резервации по цена од 200.000 до 250.000 долари.
Новата цена е „добро прифатена“, стои во соопштението на компанијата за јавноста, потсетувајќи дека нејзината цел е да продаде 1.000 билети пред да го започне својот прв комерцијален лет кон крајот на 2022 година.
„Се движиме кон период на подобрување на флотата со јасен план за тоа на кој начин да ја зголемиме издржливоста, доверливоста и предвидливоста на нашите летала за комерцијални услуги во текот на следната година“, рече Мајкл Колглазиер, извршен директор на Вирџин галактик.
„Побарувачката за вселенски патувања е многу голема и ние сега продаваме седишта побрзо отколку што очекувавме“, додаде тој.
Основачот на компанијата, британскиот претприемач Ричард Бренсон, е првиот милијардер кој на 11 јули се вивна во вселената со летало од својата приватна компанија. Тоа го реализираше пред Џеф Безос, кој полета во вселената малку подоцна со ракетата Њу Шепард, направена од неговата компанија Блу Ориџин.
Но, вселенското летало Вирџин галактик беше привремено приземјено од американските власти во септември по инцидент за време на споменатиот лет. Тогаш леталото накратко одлета надвор од воздушниот простор овластен за мисијата.
Вирџин галактик го одложи и својот прв комерцијален лет за три месеци, првично планиран за средината на октомври. Тој е закажан за последниот квартал од 2022 година, за кое време ќе се работи на зајакната безбедност на леталото.
Компанијата во понеделникот потврди дека е „на добар пат“ да оствари вселенски лет во предвидениот период.
Натпреварот меѓу милијардерите за превласт во вселенскиот туризам е во полн замав.
Покрај Ричард Бренсон и Џеф Безос, во трката е и компанијата Спејсекс на Илон Маск, која во септември успешно испрати четири вселенски туристи во вселената на три дена.
Од Вирџин галактик велат дека нивната ликвидност е сè уште речиси милијарда долари и дека ќе можат да ги финансираат сите свои операции додека не станат профитабилни.
Во третиот квартал од оваа година, компанијата забележа нето загуба од 48 милиони долари, помалку од 92 милиони долари изгубени во истиот период во 2020 година.






