Зборувајќи со новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ на пат кон Блискиот Исток доцна синоќа, Трамп рече дека ќе разговара за ова прашање со Москва и ќе праша: „Дали (Русите) сакаат „томахавк“ да лета кон нив? Мислам дека не сакаат“, одговори тој.
Трамп додаде дека можеби ќе им каже на руските претставници: „Ако оваа војна не се реши, ќе им испратам „томахавк““.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во последните недели постојано бара ракети „томахавк“. Нивниот максимален дострел од 2.500 километри би ѝ овозможил на Украина да погоди цели како што се рафинерии за нафта дури и во азискиот дел на Русија.
Трамп го опиша „томахавк“ како „неверојатно“ и „многу офанзивно“ оружје, додавајќи: „И искрено, на Русија тоа не ѝ треба“. Тој рече дека планира да разговара за ова прашање со Москва и дека го информирал и Зеленски.
Иако ја нарече таквата испорака „нов чекор на агресија“, Трамп рече дека вреди да се покрене можноста бидејќи сака војната да заврши.
Пред Трамп да ги даде изјавите, Зеленски рече дека тој и американскиот претседател разговарале за системите за воздушна одбрана „патриот“ и „томахавк“ во телефонски разговор.
Зеленски напиша на Телеграм дека Русија е загрижена за потенцијалната американска испорака на „томахавк“ и дека таков притисок би можел да помогне во постигнувањето мир. Тој не потврди дали се договорени некои конкретни чекори.
Зеленски претходно рече дека Украина ќе ги користи ракетите „томахавк“ само за воени цели и нема да напаѓа цивили во Русија, доколку САД ги испорачаат. „Никогаш не сме ги нападнале нивните цивили. Тоа е голема разлика помеѓу Украина и Русија“, рече украинскиот лидер за Фокс њуз.






