четврток, 23 април 2026

Талибанците погубиле 22 командоси додека овие се обидувале да се предадат (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Од зградата излегуваат неколку мажи, очигледно невооружени. Почнува пукање и најмалку дванаесетина луѓе се гледа како паѓаат покосени, додека талибанците извикуваат „Алаху акбар!“

Жртвите се припадници на авганистанска специјална единица. Нивните егзекутори се талибанци. Овој крвав настан се случил на 16 јуни, во близина на границата со Туркменистан, пренесува Си-ен-ен. Видеото е само едно во низата драматични настани што доаѓаат од Авганистан во последно време.

На снимката се слуша како некој вика: „Предајте се, командоси, предадете се!“.

Талибанците ги убиле командосите на специјалните авганистански единици на 16 јуни во градот Давлат Абад во провинцијата Фарјаб. По жестоката битка за зачувување на градот, командосите останале без муниција и биле опколени од талибанците, велат очевидци. Во видеото од 45 секунди може да се слушне случаен минувач што вели: „Не ги убивајте, не ги убивајте, ве молам не ги убивајте“.

Посматрачот потоа прашува: „Како тоа вие Паштуни убивате Авганистанци?“ Паштуните се главната етничка група во Авганистан.

На крајот од видеото, друг глас надвор од камерата вели: „Извадете сѐ од нив“. На друго видео може да се слушне човек како вели: „Отвори му го панцирот“. Потоа може да се види како еден борец ја отстранува опремата од телото на еден од командосите.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=Z65BQEeUmLA autoplay:0]

Црвениот крст потврди дека се извлечени 22 тела на командоси.

Убиството на овие војници е во остра спротивност на напорите на талибанците да покажат дека прифаќаат предавање на војниците и дека во некои случаи им плаќаат да си одат дома. Талибанците контролираат 85 проценти од територијата на Авганистан. Тие ја проширија контролата над поголем дел од земјата по повлекувањето на странските трупи.

Си-ен-ен дошол до неколку снимки од настанот. Тие пишуваат дека ја провериле нивната автентичност и дека разговарале со сведоци. Едно видео ги прикажува телата на авганистанските војници како лежат расфрлани.

Три дена по борбите во Давлат Абад, талибанците објавија видео што прикажува заплена на воени камиони и оружје. Тие за Си-ен-ен посочиле дека снимките во кои убиваат авганистански војници се лажни и додале дека станува збор за пропаганда на властите.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=g46R7peYX9g autoplay:0]

Авганистанското Министерство за одбрана негирало дека талибанците ги чуваат војниците, па за Си-ен-ен тврдело дека биле убиени. Организацијата за човекови права Амнести интернешнел во Велика Британија соопшти дека убиствата се воено злосторство.

„Ова длабоко вознемирувачко видео дава увид во очајната ситуација што се случува во Авганистан. Она на што сме сведоци е ладнокрвно убиство на војници што се предале – а тоа е воено злосторство“, рече групата откако Си-ен-ен го објави вознемирувачкото видео.

„Ги убија сите“

Неколку сведоци од Давлат Абад за Си-ен-ен рекле дека талибанците ладнокрвно пукале кон војниците. Еден човек рече дека командосите пристигнале во градот со неколку тенкови, но дека по два часа борба останале без муниција и не добиле никаква помош од воздух.

„Наскоро командосите беа опколени од талибанците. Потоа ги однесоа насред улица и ги застрелаа сите“, рече сведокот.

Тој рекол и дека талибанските борци не биле од регионот и дека можеби се странци, бидејќи тој не ги разбирал што велат кога зборувале меѓусебе.

Друг сведок, трговец што работи на пазарот каде што се случил масакрот, потврдил дека некои од талибанците звучеле како странци. Тој рекол дека командосите „не дадоа никаков отпор. Ги кренаа рацете во воздухот и се предадоа, а талибанците само пукаа“, рече трговецот.

Друг трговец го потврдил ова: „Многу бев уплашен кога талибанците почнаа да пукаат во командосите. Тој ден сите бевме уплашени. Јас се криев во мојата продавница“. Тој рече дека го гледал пукањето низ мало дупче во ѕидот.

Локалните власти го критикуваа испраќањето елитни командоси во градот без никакво засилување или воздушна поддршка.

Абдул Ахад Аилбек, член на Провинцискиот совет на Фарјаб, рекол дека единицата што пристигнала не ја познавала областа, ниту кои населби се контролирани од талибанците.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=iJJVBk-_zsg autoplay:0]

Авганистанските војници дезертираат, тврдат талибанците

По објавата на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе ги повлече сите американски трупи од земјата до 11 септември, десетици илјади цивили беа раселени низ целиот Авганистан, вели Си-ен-ен.

Талибанците тврдат дека презеле контрола над скоро 200 области, претежно во северен и северозападен Авганистан. Во многу региони тие не наидуваат на никаков отпор.

Во понеделникот талибанците соопштија дека „илјадници војници дезертираа и со раширени раце го прифатија исламскиот емират“.

„Исчистивме скоро двесте области од нивното злокобно присуство“, се додава во соопштението.

Според Лонг вор џурнал, кој ја следи територијалната контрола во Авганистан, од 10 јули 212 окрузи се под талибанска контрола, 76 се под владина контрола, а за 119 сѐ уште се водат битки.

Сепак, цивилите во Дават Абад што зборувале за Си-ен-ен се плашат од талибанците и од нивните планови откако странците ќе заминат.

Неколкумина изјавиле дека талибанците брзо вовеле нови правила по преземањето на областа. Девојчињата повеќе не смеат да одат на училиште, а жените не смеат да одат на пазар непридружувани од маж.

Еден сведок на пукањето во командосите рекол: „Талибанците рекоа дека ако странците го напуштат Авганистан, тие ќе склучат мир. До кога ќе продолжат со ова убивање браќа во нашата земја?“

Друг сведок на нападот рекол дека многу луѓе го напуштиле градот. Тој има една порака за талибанците.

„Ние сме еден ислам, ние сме браќа. Зошто ги убивате своите браќа? Дојдете, седнете со нас и разговарајте за ова“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ