Абдул Кахар Балчи рече дека контролните пунктови надвор од територијата на аеродромот се под контрола на талибанците, додека оние внатре се под американска контрола.
„Тие се во постојан контакт едни со други“, истакна тој.
Анонимен претставник на НАТО во неделата рече дека западните сили „одржуваат строга дистанца од надворешните области на аеродромот во Кабул за да спречат судири со талибанците“.
Балчи изрази жалење што жителите навалија на аеродромот за да го напуштат Авганистан, велејќи дека нивниот страв и хистерија се неосновани бидејќи талибанците прогласија општа амнестија, дури и за припадниците на безбедносните сили.
Балчи исто така рече дека талибанците првично не сакале да влезат во Кабул. Тие планирале претходно да најдат политичко решение и да формираат влада со други сили. Тој, исто така, рече дека сите се изненадени од брзината на нивниот напредок.
Уште откако ја презедоа власта минатата недела, талибанците се бавни во пополнувањето на владините позиции. Делумно, тие ги повикаа и поранешните владини вработени да се вратат на своите работни места, пишува агенцијата дпа. Во исто време, во тек се разговори со други политички сили за формирање нова влада.






