Во судската одлука се наведува дека федералните центри за медицинска нега и помош немаат јасни овластувања од Конгресот да им наредат вработените што учествуваат во две владини програми за здравствена заштита на стари лица, инвалиди и сиромашни, да се вакцинираат.
Прелиминарната забрана од страна на американскиот окружен судија Метју Шелп, со седиште во Сент Луис, се однесува на државите што поднеле тужба: Алјаска, Арканзас, Ајова, Канзас, Мисури, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг. Слични тужби се во тек и во други држави.
Уредбата на Бајден за задолжителна вакцинација опфаќа повеќе од 17 милиони работници низ целата земја во околу 76.000 здравствени установи и даватели на домашна здравствена заштита, кои треба да ја добијат првата доза до 6 декември, а втората до 4 јануари.
Денешната судска одлука е втора што го блокира спроведувањето на уредбата за задолжителна вакцинација.
Федералниот суд претходно ја суспендираше одлуката на администрацијата за задолжителна вакцинација во компаниите со повеќе од 100 вработени.
Судијата изјави дека федералните функционери веројатно ги надминале своите законски овластувања.
Главниот обвинител на Мисури, Ерик Шмит, кој ја поднесе тужбата од име на државите, рече дека декретот за задолжителна вакцинација претставува „пречекорување на овластувањата“ од страна на оние што „го користат коронавирусот како алатка“ за контрола врз луѓето.






