петок, 14 ноември 2025

Стив Бенон: Трамп сигурно ќе има трет мандат, тој е инструмент на Божјата промисла

Стив Бенон, поранешен главен стратег на американскиот претседател Доналд Трамп и еден од неговите најцврсти поддржувачи, во ново интервју изјави дека Трамп „сигурно ќе има трет мандат“ и дека неговиот внатрешен круг има „план“ да го заобиколи уставното ограничување од два мандата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во разговор за „Економист“ со главната уредничка Зани Минтон Бедос и заменик-уредникот Ед Кар во Вашингтон, Бенон рече дека е уверен дека Трамп ќе остане во Белата куќа по вториот мандат.

„Тој ќе има трет мандат“, рече Бенон. „Трамп ќе биде претседател во 2028 година и луѓето само треба да се навикнат на тоа“.

Кога беше прашан за 22 амандман од американскиот Устав, кој конкретно забранува некој да биде „избран на функцијата претседател повеќе од двапати“, Бенон одговори дека постои начин да се заобиколи тоа.

„Постојат повеќе можности. Кога ќе дојде вистинското време, ќе откриеме што е тоа. Но, постои план“, рече тој.

Банон, кој го опишува Трамп како „инструмент на Божјата промисла“, рече дека „волјата на американскиот народ“ е тој да остане на власт.

„Тој не е совршен, не е особено религиозен, но е инструмент на Божјата волја. Тоа можете да го видите во сè што успеа да го постигне“, рече тој. „Ни треба барем уште еден мандат, а тој ќе го добие во 2028 година.“

„Имавме потешки шанси во 2016 и 2024 година отколку што ќе ги имаме во 2028 година“, додаде Бенон. „Мора да го завршиме она што го започнавме.“

И покрај тоа што Уставот строго го забранува, американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја споменуваше можноста да се кандидира за трет мандат. Во првите месеци од својот втор мандат, Белата куќа дури во својата продавница за сувенири нудеше и капи со натпис „ТРАМП 2028“.

Во интервју за Ен-би-си њуз во март, тој рече дека „не се шегува“ кога споменува трет мандат, иако на крајот од својот втор мандат во јануари 2029 година, тој ќе стане најстариот претседател во американската историја. „Многу луѓе го сакаат тоа. Им велам дека имаме долг пат пред нас, само што почнавме“, рече тој во тоа време.

Трамп, како и Банон, рече дека постојат „методи“ со кои правилата би можеле да се заобиколат, иако не даде појасни детали. Меѓу поддржувачите циркулираат неколку теории.

Најдиректната би била измена на Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство во Конгресот или согласност на две третини од федералните држави за свикување уставна конвенција, што се смета за речиси невозможно.

Друг предлог се однесува на сценарио во кое потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, ќе победи на изборите во 2028 година како кандидат на листата „Венс, Трамп“, а потоа ќе поднесе оставка, дозволувајќи му на Трамп повторно да ја преземе функцијата. Ваквите идеи повремено се појавуваа и порано, но секогаш со тон на хумор.

Професорот на Државниот универзитет во Мичиген Брајан Калт кој пишувал за ова прашање, изјави за Ен-пи-ар дека ваквите идеи обично не се сфаќаат сериозно, но тој предупредува дека во ситуација кога претседателот е „попопуларен од самиот Устав“, некои би можеле да се обидат да ја искористат секоја можна дупка.

„И видовме дека во други земји, насекаде каде што има ограничувања на мандатот, постојат и начини во обид да се заобиколат“, рече тој.

Но, уставните експерти нагласуваат дека американскиот систем ја исклучува таквата можност. „Нема простор за толкување, 22 амандман е многу јасен“, рече Вилијам Боде, директор на Институтот за уставно право на Правниот факултет на Универзитетот во Чикаго. „Не мислам дека некој сериозен би можел да го протолкува тоа на друг начин“.

Професорот Џастин Левит од Универзитетот Лојола Меримаунт додаде дека претседателот нема овластување да одложи избори, дури и во време на војна. „Ако Трамп објави: „Ги откажувам изборите“, тоа би имало иста правна сила како јас да кажам дека ги откажувам“, изјави тој за Асошиејтед Прес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ